Оче Јован Рилски кој во молитви и пост и солзи пребиваше, моли Го Христа Бога за нашите души

Преподобен Јован Рилски

18 август (по стар стил)

Loading...

Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се роди близу Софија во местото Скрина, во времето на царот Борис. Се роди од бедни, но благочестиви родители.

По смртта на родителите се замонаши и се оддалечи во една дива гора и таму во една пештера почна да се подвизува. Овде претрпе многу напади од демоните и од луѓето, од разбојници и од своите роднини.

Потоа се пресели на Рилската Планина и се насели во едно шупливо дрво. Се хранеше само со трева и со грав, што по Божја Промисла почна да расте во близината. Долги години тој не виде човечко лице, додека, повторно по Божја Промисла, не го открија овчари кои трагаа по своите изгубени овци.

Така светителот се прочу меѓу луѓето и тие почнаа да му доаѓаат барајќи помош во болестите и во маките. Го посетуваше и самиот цар бугарски Петар и бараше совети од него.

Мнозина ревнители во духовниот живот се населија близу Јован и таму наскоро подигнаа храм и манастир. Свети Јован се упокои во Господ мирно на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од животот.

По смртта им се јави на своите ученици. Неговите мошти беа пренесени најнапред во Софија, па во Унгарија, потоа во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што и денес почиваат.

Рилскиот манастир со векови беше светилник и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ, особено во тешките времиња на турското ропство.

Loading...