Фото и рецепт: Кристина Гашпар

Вкусни кремасти палачинки во одлична комбинација од мак и малини. Најубавиот десерт кој го пробав оваа година.

Потребни состојки за фил:

200 г мелен мак
100 г шеќер
250 мл млеко
1 ванилин шеќер
7-10 палачинки

за прелив:

4 јајца
120-150 г шеќер
1 ванилин шеќер
рендана кора од лимон
300 мл млеко

Постапка:

Загрејте го малку млекото со шеќерот, па додадете го макот. Варете неколку минути со постојано мешање и кога ќе зоврие додадете го ванилиниот шеќер. Тргнете на страна и оставете да излади со почесто промешување.

Секоја палачинка премачкајте ја со полна лажица мак и свиткајте ја. Јас ги подвиткував краевите за ми ги собере палачинките во садот за печење. Важно е да одберете сад во кој ќе ги собере сите палачинки, односно да биде исполнет, да нема празен простор. Палачинките убаво наредете ги во избраниот сад.

За прелив: Пенасто изматете ги јајцата со постепено додавање на шеќерот додека да се растопи и смесата да згусне. Додадете млеко, ванилин шеќер и рендана кора од лимон. Убаво промешајте да се соедини, па прелијте ги палачинките.

Ставете во незагреана рерна и вклучете на 180 степени. Од моментот кога рерната ќе ја постигне температурата печете околу половина час. Доколку палачинките одозгора заруменат премногу, а не се впило доволно млекото, тогаш покријте ги со фолија за да не загорат и допечете ги.

Напомена: Пред печењето јас додадов малини, но тоа не е задолжително. Количината на шеќер прилагодете ја според вашиот вкус.

Комбинацијата од малини и мак се покажа како одлична, па доколку сте љубител на малини, може да ставите и повеќе. Овие палачинки може да се послужат топли или ладни. Може да ги збогатите со сладолед, шлаг, некој прелив, свежо овошје…

Фото и рецепт: Кристина Гашпар