Оваа торта мора да ја направите додека има свежи јагоди. Во секој случај, може да се прави и со замрзнати јагоди, но свежите се одлични и за декорација на тортата. Кога немате волја за некоја дополнителна декорација на некоја торта или колач, секогаш може да наредите еден куп јагоди на површината и да изгледа многу декоративно.

Овој рецепт го дознав неодамна и толку многу ми се допадна, особено поради тоа што сум голем љубител на јагоди, но ме воодушеви и брзината на подготовката. Веднаш го испробав рецептот и увидов дека бев присутна само 10-тина минути во кујната.

Кога снаата и зет ми ми дојдоа на ручек, им кажав за колку време ја подготвив, а тие не ми веруваа, па бидејќи тортата беше многу вкусна, решив пред нив уште еднаш да ја подготвам. Тие останаа подзинати и снаа ми веднаш ми рече да ѝ ја напишам количината на намирниците. Еве што ви е потребно:

прв рецепт

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 320 г бисквити, 300 г свежи јагоди, 50 г шеќер во прав, 350 г овошен јогурт од јагоди, 200 мл засладен крем за готвење. Во продолжение може да прочитате уште еден рецепт за торта со јагоди и пишкоти, која е одлична за освежување.

прв рецепт

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 500 г исчистени јагоди, 400 г пишкоти, 500 мл слатка павлака, 100 г чоколадо за готвење, 1 кесичка желатин, 5 лажици ладна вода, 200 г кисела павлака, 150 г шеќер во прав, 50 г готови пуслици, 700-800 мл млеко за натопување на пишкотите.

втор рецепт

ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во еден сад ставете ги бисквитите и рачно искршете ги на средни парчиња. Јагодите измијте ги и исчистете ги од петелките, па исечете ги на помали парчиња, со големина по ваша желба. Јас обично ги сечам на средни парчиња, но има и некои што се поголеми или помали.

Соединете ги јагодите во бисквитите, па додајте го шеќерот во прав. Малку промешајте и потоа излејте го овошниот јогурт. Соединете сѐ со шпатула во еднолична смеса. Бисквитите и јагодите треба целосно да се соединат во овошниот јогурт.

Вака подготвената смеса пренесете ја во калап со флексибилен обрач, на дното обложен со хартија за печење. Пречникот на мојот калап беше 20 см. Излејте и израмнете ја тортата. Настрана, изматете ја слатката павлака во цврст снег, па премачкајте преку тортата.

Ставете ја тортата во фрижидер да отстои приближно 2 часа, а потоа декорирајте ја со јагоди, пресечени на половина. Неколку јагоди наредете околу тортата, а некои одозгора. Деталите за рецептот погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение прочитајте ја постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Прелијте го желатинот со вода и оставете го да набубри. Изматете ја слатката павлака со миксер. Додајте шеќер во прав и изматете уште еднаш да се соедини. Додајте ја и киселата павлака, па повторно изматете.

Јагодите исечкајте ги на ливчиња, а желатинот растопете го на пареа или на тивок оган. Откако малку ќе излади, додајте го во филот и изматете. Калап за торти 24 см обложете со фолија. Пишкотите натопувајте ги во млеко и редете ги на дното од калапот, во круг и покрај ѕидот/обрачот на калапот (да биде убаво обложен калапот од сите страни).

Филот поделете го на 4 делови: првиот дел рамномерно распоредете го врз пишкотите во калапот. Половина од јагодите наредете ги врз филот, па врз нив повторно нанесете фил. Потоа наредете ги пуслиците и одозгора наросете со 50 г рендано чоколадо.

Нанесете го третиот дел од филот и израмнете, па наредете ја втората половина јагоди. Одозгора премачкајте со четвртиот дел од филот и наредете пишкоти натопени во млеко.

Тортата прекријте ја со фолија и оставете во фрижидер да излади и да се стегне неколку часа. Потоа извадете ја од калапот и украсете со 50 г рендано чоколадо и јагоди. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.