Oваа француска торта со јагоди го носи името Фрејзер. Веднаш ја забележав и некое време читав позитивни коментари под рецептот и само чекав прилика за поголема дружба да ја направам.

Таква можност се појави пред неколку дена кога имавме семејно дружење со печено прасе. Што се однесува до мене, едвај чекав да ја направам оваа прекрасна торта, уживав во подготовката и нетрпеливо го чекав моментот на дегустација.

Кога им ја покажав на домашните пред ручекот, направив голема грешка бидејќи сите рекоа: „Ајде побрзо да го изедеме ручекот, за да ја пробаме тортата“. На сите многу им се допадна, а подготовката е една од најлесните. Еве што ви е потребно:

ФРЕЈЗЕР ТОРТА

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БРАУНИ БИСКВИТ: 3 јајца, 233 г шеќер, 116 г брашно, 6,6 г ванилин шеќер, 5 г прашок за печиво, 33 г какао, 83 г темно чоколадо (сечкано малку поголемо), 133 г омекнат путер, 150-200 мл млеко за да се натопи бисквитот.

ЗА ФИЛОТ: 450 г бело чоколадо, 225 + 450 г слатка павлака, 5 листови желатин, сок од 1 лимон/лимета. ЗА ЧОКОЛАДНАТА ГЛАЗУРА: 4 листови желатин, 150 мл вода, 50 г какао без шеќер,120 г слатка павлака, 180 г шеќер, 1 кг свежи јагоди.

ПОСТАПКА: Бисквитот се пече во кружен калап со прстен што се вади и кој може да се прилагоди за неколку големини. Така добивате убав и уреден изглед на тортата.
Брауни бисквитот не е класичниот бисквит од плазма на кој сме навикнати.

Ова е бисквит кој е прилагоден за правење колачи и кој е доста сочен. Бисквитот се пече во кружен калап со пречник од 28 см, одоздола обложен со хартија за печење, а од страните се премачкува со путер и се наросува со брашно.

Загрејте ја рерната на 175 степени. Во еден подлабок сад просејте ги сувите состојки. Сите состојки за пандишпанот, освен чоколадото и путерот се миксираат кратко додека да се соединат состојките. Наместо со миксер, тоа може да го правите и со жица/маталка.

Омекнатиот путер рачно измешајте го со виљушка да нема грутчиња и додајте го во смесата заедно со растопеното чоколадо. Повторно кратко промешајте до соединување на состојките. Овде е многу важно тестото да не се меси долго бидејќи ќе излезе тврдо при печење.

Префрлете го тестото во подготвениот калап, распоредете и измазнете го врвот и печете околу 35-40 минути. По изминатото време, проверете го бисквитот со чепкалка дали е испечен. Потоа се остава да се излади на решетка.

Бисквитот го направив претходниот ден. Кога ќе се олади, го ставив во голема најлонска кеса и го оставив преку ноќ. Во бисквитот можете да додадете 50 г печени и мелени ореви или лешници.

Оладениот бисквит ставете го на подлогата на која ќе се сервира и цврсто затегнете го прстенот/обрачот околу него под кој сте ја вметнале хартијата за печење. Така полесно ќе го одделите од прстенот/обрачот и ќе добиете убава мазна страна. Сварете го млекото и топло прелијте го врз бисквитот.

Јагодите измијте ги, исушете ги, исечете ги стебленцата и пресечете ги на половина. Погрижете се вашите јагоди да бидат речиси со иста висина за првиот ред. Наредете ги така што исечените страни да се свртени кон обрачот (види фото).

ФРЕЈЗЕР ТОРТА

За кремот, прво ставете го желатинот во ладна вода да омекне и набубри, околу 10 минути. Чоколадото исечкајте го на помали коцки и растопете го заедно со 225 г слатка павлака во микробранова печка или на пареа. Загрејте ја слатката павлака до степен пред зовривање и прелијте ја врз чоколадото. Почекајте 1-2 минути и измешајте со жица додека да се растопи чоколадото.

Со раце добро исцедете го желатинот од водата, ставете го во мало тенџере со 1 лажица сок од лимон и растопете го на тивок оган. Се трга од оган, се додава преостанатиот сок, убаво се меша и полека се прелива во растопената чоколада со постојано мешање со жица за матење.

Оставете да се излади, т.е. кремот да биде млак. Измиксајте 450 г слатка павлака во цврст шлаг и нежно соединете во чоколадниот крем со шпатула. Прелијте го кремот врз јагодите, измазнете го горниот дел и нежно протресете за да се распореди кремот помеѓу јагодите. Оставете го во замрзнувач 4 часа, па почнете да ја подготвувате глазурата.

ЗА ГЛАЗУРА: Желатинот се става во ладна вода (10-тина мин.) да омекне и набубри. Останатите состојки се ставаат во мало тенџере и сѐ се остава да зоврие на шпорет додека постојано мешате. Намалете ја температура и оставете ја смесата да врие на шпорет уште 5 минути.

ФРЕЈЗЕР ТОРТА

Исклучете го шпоретот и оставете го тенџерето на ринглата уште 10 минути, па додајте го исцедениот желатин. Мешајте додека да се растопи желатинот. Кога смесата беше млака на допир, ја прелеав врз тортата, малку ја протресов и ја оставив во фрижидер да се излади преку ноќ.

ФРЕЈЗЕР ТОРТА

Следниот ден извадете го прстенот од колачот, полека одвојте ја хартијата за печење и декорирајте ја по ваша желба. Сигурно ги забележавте малку чудните мерки за бисквитот. Тоа е затоа што оригиналните мерки беа за голем калап за рерна, па ги приспособив на калапот од 28 см во кој печев.

Дадените мерења (во оригиналниот рецепт) ги поделив со 3, а ако ви треба голем бисквит, напишаните мерења помножете ги со 3. Колачот може да се чува во фрижидер 3-4 дена, доколку воопшто „пpеживее“ толку долго. / Сoolinarka.сom