Ќе ги наречам здрави лепињи од тесто за палачинки, бидејќи поинакво име, немаат. Ако смислам понатаму име за овие коцки со зеленчук, ќе го напишам и овде. Целата подготовка одзема околу 5 минути, а потоа се ставаат на печење. Рецептот го најдов неодамна, па ми изгледаше многу привлечно и веднаш го направив.




Домашните се воодушевија кога ги пробаа, а на крајот зедов и јас да пробам. Искрено ќе ви кажам дека не очекував да се толку добри на вкус. Едноставно беа совршени, не би го менувала рецептот, ни соодносот на состојките, сѐ е перфектно осмислено. Јас ги послужив како предјадење, но можете и како појадок или вечера со чаша јогурт.




Сега повторно ќе ги правам викендов, бидејќи ќе ми дојдат пријателките на гости и ме замолија повторно да ги направам. Со задолство ќе го направам тоа, бидејќи не ми одзема многу време, а и не се потрошив. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 компири, 1 стебленце праз, 2 моркови, 100 г спанаќ, 1/2 црвена пиперка. ЗА СМЕСАТА ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 4 јајца, 4 супени лажици маслиново масло, 4 супени лажици млеко, 4 лажици брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 2 лажички сол, прстофат црн пипер. И УШТЕ: 50 г рендан чедар кашкавал или некој по ваш вкус и сусам, ким…




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад или плех исечкајте го празот на ситни кругчиња, претходно измиен, како и останатите зеленчуци. Во садот додајте ја црвената пиперка, која прво треба да ја исечкате на тенки ленти, а потоа на ситни коцки.




Спанаќот исечкајте го на ситно парчиња, па додајте го со останатите зеленчуци. Морковите и компирите прво излупете ги, па изрендајте ги и соединете сѐ заедно. Потоа преминете на подготовка на смесата, која е многу слична на онаа за палачинки. Ако забележите, соодносот на состојките е сѐ по 4.




Скршете ги јајцата во еден подлабок сад и измешајте ги со жица/маталка. Додајте 2 лажички сол и прстофат црн пипер, па потоа додајте ги маслото и млекото. Соединете во хомогена смеса, па на крајот ставете ги брашното и прашокот за печиво. Енергично измешајте ја смесата, додека да добие погуста конзистентност.




Смесата излејте ја преку зеленчуците и со лажица фино соединете ги состојките, додека да се измеша сѐ подеднакво. Префрлете ја смесата во плех од рерна, обложен со хартија за печење и добро израмнете ја. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, па потоа испечете околу 30-тина минути.




По изминатото време, извадете го плехот од рерна и врз кората наредете го ренданиот кашкавал и по желба наросете сусам, ким или некои други семки. Вратете да се допече во рерна на истата температура, уште 25-30 минути, со повремено проверување.

По изминатото време, оставете кората малку да се олади, па исечете ја на поголеми коцки. Всушност, овие коцки се како мини питички или големи грицки кои може да ги послужите додека гледате филм. Здрави се, а притоа и многу заситуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.