Можеби звучи нелогично, па дури и незамисливо дека може да постои некој цвет кој не го сака сонцето, а да сака многу вода – но, тоа е Schlumbergera truncata, или кактусот кој цвета за Божиќ, па поради тоа се нарекува и Божиќен кактус.

Што треба да направите за тој да почне бујно да цвета? Со цветањето започнува некаде од крајот на ноември, па се до крајот на јануари. И нема поубав зимски цвет од овој, но во многу куќи се случува да не сака да процвета.

Многумина грешат, па овој зимски цвет го негуваат како што се негуваат другите кактуси. Иако името му е такво, сепак Божиќниот цвет не смее да се остави без вода и во просторија со сув воздух.

ПРАВИЛА ЗА НЕГА НА БОЖИЌНИОТ КАКТУС. Запамтете дека Божиќниот кактус сака индиректно светло: Температурата на воздухот мора да биде најмалку 15 степени Целзиусови. Кога ќе дојде лето, овој цвет изнесете го надвор, бидејќи му е потребен воздух.

И не заборавајте секој ден да го полевате. Божиќниот кактус спаѓа во каприциозните цветови кои не смеат да се допираат во сезона на цветање: ако во текот на цветањето ја преместите саксијата или само ако ја свртите, тој ќе го стопира цветањето.

Кога ќе дојде пролет, Божиќниот кактус наѓубрете го. Билката најмногу расте во текот на летото, па тогаѓ наѓубрете ја двапати месечно. Престанете со прихранување во септември.

Никогаш не ја поткаструвајте со ножици или со нож, а вишокот на гранчиња откинувајте ги со рака. Билките кои вака се формираат, поубаво и побогато цветаат. Божиќниот кактус се пресадува кон крајот на фебруари, кога конечно престанува со цветање.

ВАЖНА НАПОМЕНА: Младите билки пресадувајте ги еднаш годишно, а постарите билки еднаш во 5 години. Саксијата треба да биде плитка и широка. Третина од саксијата треба да биде наполнета со дренажна земја, додека остатокот може да биде исполнет со домашна земја помешана со крупен песок.

Кон почетокот на декември овој цвет ставете го во добро осветлена просторија, но никако на директна сончева светлина. Тогаш ќе се разбуди и ќе започне бујно да цвета.

СОВЕТ ПЛУС: Кога Божиќниот кактус ќе престане да цвета, постепено намалете го полевањето, ставете го на ладно и темно место до крајот на март. Оставете го да одмори од цветањето.

Кон крајот на март билката започнува вегетативен период, па цветот можете да го вратите на неговото вообичаено место.