I РЕЦЕПТ – Турски леб подготвен од Македонка, доволно е еднаш да го пробате и веднаш ќе го засакате (рецепт+видео). Предлог видео-рецептот е на Станислава Маниќ, а рецептот го испроба и го направи нашата драга членка Олгица Јосифоска во групата НМД рецепти.

Потребни состојки: 1 шолја вода / 200 мл, 1 шолја млеко / 200 мл, ½ шолја масло / 100 мл, 10 г квасец претходно растворен во малку млака вода, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 900 г брашно. За премачкување: малку масло, жолчка. За наросување: сусам и чиа семе/ленено семе, морска сол.

Постапка: Во еден подлабок сад ставете 1 шолја вода, 1 шолја млеко, ½ шолја масло, 10 г активиран квасец, 1 лажичка сол и 1 лажичка шеќер. Промешајте со дрвена лажица да се соединат состојките. Потоа постепено додавајте 900 г брашно и мешајте додека да добиете мазно тесто.

Тестото убаво измесете го на набрашнета работна површина, формирајте го во топка и оставете го во намастен сад да стасува додека да го удвои волуменот. Тестото двапати стасува. Потоа премесете го и поделете го на два дела. Од секој дел формирајте топка, па на набрашнета површина со помош на оклагија развлечете кора со овална форма.

Корите ставете ги една до друга во плех обложен со хартија и малку намастен со масло. Одозгора премачкајте ги со масло. Покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да стасуваат 20 минути. Одозгора премачкајте ги со жолчка, па со помош на прстите направете вдлабнувања во вид на шах или баклавички.

Потоа одозгора наросете со семе по ваша желба. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути или во зависност од рерната, додека убаво да заруменат. Лепчето е меко како душа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – АЧМИ – Турски ѓевречиња, превкусни, памук меки се топат во уста, за мерак. Да ги пробаме популарните Ачми или турски ѓевречиња, кои се многу популарни на социјалните мрежи и сите ги приготвуваат. Има повеќе верзии од овој рецепт, а ѓевречињата можете да ги полните со сирење, маслинки или да се остават празни.

Секако се превкусни. Потребни состојки: 1 чаша (200 мл) млако млеко, 1 чаша млака вода, ½ чаша масло, 1 коцка свеж квасец (40 г), 1 лажичка сол, 2 лажички шеќер, 2 белки (жолчките за мачкање), Брашно околу 800 г (може 700 г бело и 100 г пченкарно) и 150 г путер за премачкување +-

Постапка: Квасецот, шеќерот и солта се раствораат во 200 мл млака вода, па се додава млакото млеко и маслото, белките и на крај постепено се додава брашното. Се замесува меко и лепливо тесто. Замесеното тесто се остава 15 минути да одмори.

(На набрашнета површина се истресува смесата од тесто и се замесува меко тесто – овој чекор може да се пресконе, во зависност од тоа колку ви е меко тестото). Потоа, површината на која ќе работите намастете ја, па развлечете го тестото со помош на прстите.

Отворената кора премачкајте ја со омекнат путер или маргарин. Преклопете ја едната страна до половина, па одозгора премачкајте ја со путер. Преклопете ја целосно со другата страна. Долгнавестиот правоаголник повторно развлечете го и уште еднаш одозгора премачкајте со путер.

По желба, до половина се филува со сирење, маслинки или воопшто не се филува, па се преклопува со другата половина. Потоа се сечат ленти, малку се сучат и се спојуваат како прстен. Одозгора се премачкуваат со изматени две жолчки и една лажица маџун (или масло) и се наросува со сусам по желба.

Стасуваат 15 минути и се печат 15-20 минути во загреана рерна на 200 степени. Кога ќе се извадат од рерна, печените ачми се премачкуваат со малку путер. За да останат свежи и меки неколку денови, во кесата каде ќе ги чувате ачмите затворени, ставете и едно парче леб. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

III РЕЦЕПТ – Најмеките кифли – ТУРСКИ КИФЛИ помеки и од памук кифли. Фантастично меки кифли кои остануваат свежи и третиот ден. Помеки се и од памук кифлите, мора да ги пробате. Ако ви се допаѓа, рецептот споделете го со вашите пријатели. Во три дена ги правев трипати, веднаш се изедуваат.

Од првиот пат оставив една кифла во кеса за да видам каква ќе биде. Не е како свежо печена, онака врела, ама е мека “како душа”. Потребни состојки: 500 мл + 1 лажица млеко, 2 рамни лажици шеќер, 10 г сув квасец, 2 јајца, 100 г путер или маргарин, 1 лажица сол, 1 лажица оцет, 5 г прашок за печиво и 900 г меко брашно.

Постапка: Загрејте го млекото да биде млако, путерот растопете го, а јајцата разделете ги на белки и жолчки. Двете белки и едната жолчка одат во тестото, а едната жолчка за премачкување. Во топлото млеко ставете квасец и шеќер и промешајте.

Потоа додадете малку брашно, жолчката и белките, растопениот путер (оставете една лажица за подоцна), прашокот за печиво и оцетот, па повторно добро промешајте. Додадете уште малку брашно и сол и промешајте. Потоа додадете го остатокот од брашното и замесете го тестото.

Тоа е меко и лепливо и затоа треба доста да се меси, околу 10 минути. Некаде на половина од месењето направете пауза и одморете се. Рацете намастувајте ги со масло за да не се лепи толку тестото. Подигнете го тестото и под него излејте го остатојот од путерот, па спуштете го и уште малку премесете го.

Покријте го со фолија и крпа и оставете го еден час на топло за да стасува, а може и подолго. Стасаното тесто со намастени раце подигнете го и поделете го на 16 топчиња Од секое гормирајте кора со елипсовидна форма, па свиткате кифла. (погледнете го видеото за да видите како се виткаат).

Кифлите редете ги во плех обложен со хартија, па прекријте ги со фолија и оставете ги околу 40 минути да стасуваат. Потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, околу 20-тина минути или во зависност од вашата рерна. Печените кифли покријте ги со крпа околу 10-тина минути, а потоа можете да ги послужите. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.