Ова е еден многу вкусен и економичен ручек кој се подготвува практично и без многу време поминато во кујна. Ќофтињата не се подготвуваат однапред едно по едно, напротив сѐ се става во еден плех и се пече (како торта), па се сечат парчиња. Многу се вкусни и месото е еднакво испечено. Јас го зачинувам со повеќе состојки, еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо, 300 г мелено пилешко месо (може еден вид на месо, во тој случај ставете 800), 2 јајца, 20 г лебни трошки, 50 г павлака, 20 г магдонос, 1 лажиче сол, 1/2 лажиче црн пипер, 20 мл масло, 200 г кромид, 200 г морков, 120 г моцарела или друг кашкавал, 30 г кечап.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го меленото и пилешкото месо и соединете ги накратко со лажица. Може да користите и еден вид на месо, во тој случај определете ја количината според потреба. Веднаш скршете 2 јајца преку месото и соединете ги со рака.

Додајте 20 г лебни трошки, 50 г павлака, 1 лажиче сол и 1/2 лажичка црн пипер. Може да ставите и зачини според вкус, како пикантна црвена пиперка. Излејте малку масло во тавче на рингла, па исечкајте 200 г кромид на ситни коцки. Ринглата вклучете ја на ниска кон средна температура.

Кога маслото ќе се загрее, ставете го кромидот во него и пржете го околу 15 минути, со повремено промешување. Кога кромидот ќе омекне и ќе почне да се карамелизира, додајте 200 г ситно сечкан морков. Морковот пржете го накратко додека да омекне, па тргнете го тавчето од рингла.

Почекајте 1-2 минути сѐ да се олади, па додајте ги морковот и кромидот во смесата со месо. Измесете сѐ во еднолична смеса, како да месите тесто. На крајот додајте ситно сечкан магдонос и вметнете го во внатрешноста на месото.

Подгответе си долгнавест огноотпорен калап со димензии 10х24 см или некој со слична големина. Добро намастете го дното и страните со омекнат путер или со масло, па постепено наполнете го со смесата од месото. При секое додавање на 1-2 лажици од месото, израмнувајте ја површината.

Кога ќе го наполните калапот, настрана исечкајте го кашкавалот на ситни коцки, па вметнете ги во средина во една линија по должина. Тоа може да го направите со притискање, а дупките пополнете ги со месо. Вака подготвеното ќофте премачкајте го со кечап или доматен сос (за да фати коричка).

Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, па печете го ручекот 40-тина минути. За тоа време добро ќе се испече однатре и нема да биде препечено. По печењето, исечете на коцки/правоаголници. Послужете со свежа салата. Деталите погледнете ги ОВДЕ.