Личат на крунички, а тестото речиси и да не треба да го месите. Откако ќе се измеша со лажица, се додава малку путер и малку со рака се изработува. Од оваа количина се добиваат 12 мафини кои можете да ги филувате со сирење, со месо, или пак во слатка варијанта со џем, крем или нутела. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 210 мл топло млеко, 1/2 кесичка сув квасец (1 мала лажичка, 3-5 г), 2 супени лажици шеќер (25 г), 300 г брашно, 1/2 лажичка сол (3 г), 30 г несолен, омекнат путер (2 супени лажици) и уште за фил: рендан кашкавал/сирење/ џем…

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете топло млеко, додајте квасец и шеќер, па промешајте за да се растворат. Потоа започнете постепено да го додавате брашното додека мешате со лажица или шпатула. Во брашното додајте и сол.

Кога брашното ќе ја впие течноста ќе добиете комапктна смеса која сè уште може да се меша со преклопување на лажицата/шпатулата. Кога веќе нема да може да се меша, односно кога ќе се формира тестото, додајте коцка омекнат путер.

Путерот ставете го во средина, па опфаќајќи го тестото од страните и преклопувајќи го путерот, замесете го тестото со рака додека путерот целосно да се инкорпорира. Ќе забележите дека тестото ќе стане доста мазно, меко и сосем малку ќе се лепи на рака.

Поклопете го со капак или со стреч-проѕирна фолија и оставете го тестото да стасува и убаво да ферментира околу 1,5 час на топло место. за тоа време тоа ќе ја удвои големината. Кога ќе стаса, истресете го на малку набрашнета работна површина и премесете го со преклопување, за да формирате топка.

Тестото поделете го на 12 приближно еднакви делови, а од секое делче формирајте топче. Формираните топчиња покријте ги со кујнска крпа и оставете ги 15-тина минути да одморат.

Потоа земете едно топче, малку набрашнете го, па развлечете го во тенка кора со помош на оклагија.

На едниот крај од правоаголната кора ставете фил, па преклопете го со кората и притиснете со прстите за да се затвори убаво.

Остатокот од кората исечете го на ленти, па внимателно свиткајте како ролничка – гасеница, а потоа спојте ги краевите да добиете како прстен.

Вака формираните кифли редете ги во калапи за мафини, покријте ги со крпа и оставете ги на топло да стасуваат уште 45 минути.

Потоа премачкјате ги со изматено јајце/жолчка или млеко. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.