Толку сме навикнале на јаболката, што воопшто не ја забележуваме нивната вистинска вредност и ги сметаме за помалку посебни од другите, егзотични овошја. Евтини се и ги има преку целата година.

Но, вашето мислење би можело целосно да се промени откако ќе го научите овој рецепт за џем-слатко од јаболка, кое релативно брзо и едноставно се приготвува. Не станува збор за класичен метод на приготвување на слатко, а ќе видите и зошто.

Пред да ви го претставиме новиот рецепт, да се потсетиме на стариот рецепт, фаворитниот на читателите на НМД.мк: Најлесното и најдоброто слатко од јаболка, а се прави за само 10 минути.

Потребни состојки: 1 кг јаболка, 900 г шеќер, 200 мл вода, 1 ванилин шеќер, 1/3 лажичка лимонтус и 100 г ореви по желба може и повеќе. Постапка: Одберете убави, здрави јаболка, по можност да бидат тврди, зелени, да не се ајдарет или делишес бидејќи тие брзо се распаѓаат. Ставете шеќер и вода да зовријат, како шербет. За тоа време јаболката излупете ги, исчистете ги, пресечете ги на четвртинки.

Четвртинките може да ги пресечите на плочки со дебелина од околу 4-5 мм. Кога шербетот ќе започне да врие, ставете ги внатре јаболката и оревите, затресете го тенџерето и оставете да се готви 10 минути. Пред самиот крај ставете ванилин шеќер и лимонтос.

Готово е. Покријте со кујнска крпа и оставете така 10 – тина часови. После тоа складирајте во теглички. Ова слатко можете да го приготвувате преку целата година, а по вкус во него може да додавате ореви, лешници, бадеми, суво грозје, стапчиња цимет или ванила и да го прилагодите според сопствениот вкус.

Следниот рецепт се приготвува во неколку фази и неколку кулинарски техники. Крајниот резултат не е само обичен џем, туку комплетен десерт. Во него парчињата од јаболка стануваат транспарентни и добиваат прекрасна боја исто како килибар. Затоа овој десерт се нарекува и џем-слатко од килибар.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 кг јаболка, 3 лажички сода бикарбона, 3 литри и 200 мл вода, 800 г шеќер, 2 лажици лимонов сок.

ПОСТАПКА: Излупете ги јаболката и исечете ги на коцки. Сода бикарбоната растворете ја во три литри вода, па натопете ги парчињата јаболка во неа и оставете ги да отстојат еден час. Ова ќе им овоможи да останат цврсти однадвор и да не потемнат (исто како да сте ги ставиле во варова вода).

Измешајте 200 мл вода со 800 г шеќер и 2 лажици лимонов сок. Смесата ставете ја на оган и загревајте додека да зоврие. Мешајте додека да се растопи целосно шеќерот. Јаболката исплакнете ги со ладна вода и процедете ги.

Ставете ги во врелиот шеќерен сируп, поклопете ги и оставете ги да отстојат осум часа или преку цела ноќ. Потоа тенџерето ставете го на оган, а откако ќе зоврие гответе точно пет минути.

Потоа повторете ја постапката, односно тенџерето ставете го повторно на оган и откако ќе зоврие гответе уште пет минути. Можеби ви се чини долга постапката, но всушност освен чекањето на фазите, самата постапка е многу едноставна и не бара некој посебен труд.

Тенџерето покријте го со влажна крпа и оставете го до следниот ден да се олади, а потоа складирајте го во стаклени стерилизирани тегли. Како и сите слатка/џемови, најдобро е теглите прво да се затворат со целофан, а потоа со капаци.

Питите, палачинките и другите колачи ќе се трансформираат со овој џем-слатко. Може да се користи и за разни сосови, преливи, декорации…Особено добро се вклопува во познатиот рецепт „патка со џем“, за кој најчесто се користи џем од кајсии. Сочувајте си го овој рецепт и направете го.