Убави, меки, сунѓерести, добри за промена од вообичаените палачинки на кои имаме навикнато…

Потребни состојки: 250 г брашно, 250 г гриз, 1 јајце, 1 прашок за печиво, 1 сув квасец, 1 мала лажичка сол, 2 мали лажички шеќер и топла вода за замесување на тестото

Постапка: Прво разматете го квасецот со малку млака вода. Во друг сад ставете ги брашното, гризот, солта, шеќерот, прашокот за печиво. Убаво измешајте па додадете јајце и разматен квасец, па со топла вода постепено додавајте и матете да добиете тесто како за обични палачинки.

Тестото се остава да отстои околу еден час и пред печењето се промешува. Првиот пата тавчето се намастува со малку масло, па се става една кутлача од смесата и се пече на тивок оган само од едната страна.

Ќе забележите како се создаваат меурчиња, мали балончиња. Кога е суво и одоздола убаво заруменето – тогаш арапската палачинка е готова. Печете додека да ја потрошите смесата.

Растопете малку путер и додадете мед па премачкајте ги палачинките. Можете да ги мачкате со мармелада или нутела, по желба.