Ова дефинитивно е една од најдобрите слатки кои ќе ве вратат во детството. Го правеа нашите баби, мајки, тетки, вујни, стрини… И, секогаш се радувавме.

Потребни состојки:

1 литар млеко
4 јајца
5 супени лажици шеќер
1-2 ванилин шеќер
2 супени лажици брашно

Постапка:

Разделете ги белките од жолчките. Жолчките оставте ги на страна, а белките изматете ги со миксер во цврст снег.

Сварете го млекото во поголем сад. Во зовриеното млеко со лажица вадете и спуштајте поголеми парчиња од белките.

За половина минута тие ќе нараснат речиси двојно, па превртете ги на другата страна. Варете ги уште 30-тина секунди, па извадете ги со решеткаста лажица.

Одеднаш можете да ставата најмногу до 5-6 лажици снег од белки или колку што собира садот, па постапката повторувајте ја додека да се потрошат белките.

Потоа млекото процедете го малите парченца или истите внимателно извадете ги. Жолчките измиксајте ги, додадете шеќер и ванилин шеќер, додадете брашно и малку млеко.

Сварете ја смесата во топлото млеко со постојано мешање, исто како што се вари пудинг.

Кремот е готов кога ќе започне да се згуснува и кога рамномерно ќе биде жолт и сјаен.

Со врелиот крем прелијте ги сварените белки. Изладете го убаво десертот и послужете го со чоколадни трошки или рендано чоколадо.