Жан Митрев објасни на кој начин успеваат да избегнат респиратор при лекување на позитивни пациенти

Пред неколку денови, од клиниката Жан Митрев соопштија за  случај кој по десетина денови поминати на интензивна нега во клиниката, си заминал излекуван пациент кој бил примен во многу тешка состојба и заразен со Ковид-19.

Со вонтелесна пречистителна терапија до квалитативно и квантитативно прочистување на крвта, докторите од оваа клиника успеаја да се изборат за животот на овој пациент за што посведочи и самиот тој.

Во одделот на клиниката каде што се лекуваат пациенти заболени од Ковид 19 беше сместен и овој маж на 67 годишна возраст, со многу тешка клиничка слика.

Имал телесна температура од 38,5 степени Целзиусови, телесна слабост, отежнато дишење и замор. Веднаш бил поставен на неинвазивен мониторинг за следење на виталните функции, а потоа му биле направени сите потребни испитувања.

Од направените тестови се потврдило дека е позитивен на новиот корона вирус и веднаш бил поставен на вонтелесна пречистителна терапија која има за цел прочистување на крвта од токсините ослободени од воспалителниот процес.

Од првиот ден кога крвните анализи покажувале CRP – 164, за само две хемофилтрации параметрите на овој протеин кој укажува на инфекција во телото, се симнале на вредност од 15.6, што е во нормални граници.

Покрај оваа терапија пациентот бил поставен и на витаминска, антибиотска и кортикостероидна терапија, како и физиотерапија која вклучува респираторни вежби и мобилизација, на што пациентот одлично реагирал.

После лекувањето Драган се чувствува одлично и денес тој е благодарен на сите доктори кои пожртвувано се грижеле за него и му овозможиле да се излекува од оваа опасна болест.

Денес, Жан Митрев објасни како се справуваат со корона вирусот и како успеваат да избегнат да ги стават пациентите на респиратор:

-Благодарение на нашата долгорочна работа со тешко инфективни пациенти и пациенти во сепса, ние го модифициравме и применивме истиот пристап и кај овие пациенти.

Сите примени пациенти беа со изразена ковид инфекција. Нивните симптоми беа повеќедневни, воглавно лекувани во домашни услови и во болнички услови, со јасни промени во белите дробови, односно пневмонија.

Нашиот концепт на лекување, е веднаш пристапуваме кон следење на инфективните параметри кои ги селектиравме како важни во периодот на прогностичкиот исход на пациентите.

Со други зборови, веднаш штом ги примиме пациентите со ковид 19, врз база на податоците собрани од лабораториските испитувања, ние го одредуваме т.н. инфламаторен индекс за секој пациент поединечно.

Доколку тој е растечки и доаѓа до влошување на состојбата со белите дробови, ние знаеме дека се движи кон лош исход, па веднаш ги вклучуваме на хемофилтрација, односно прочистување на крвта во времетраење од 24-48 часа. Оние пациенти кои доаѓаат во веќе многу лоша состоба со напредната болест, тогаш тоа прочистување на крвта може да трае и подолго.

Кај нас на овој начин се третирани повеќе од 25 пациенти и повеќето од нив беа со индикација за вклучување на респиратор, но ние успеавме да го одбегнеме овој третман – нагласува д-р Жан Митрев.

Само еден пациент моравме да го интубираме поради загрижувачки влошената состојба, но истот тој пациент кој 14 дена е на лекување кај нас, веќе од вчера е во фаза на подобрување.

Повеќе од половина пациенти се пуштени дома, односно целосно се излекувани, а другите се во фаза на опороавување. Еден 84 годишен пациент почина уште на самиот почеток кога го примавме и практично немавме можност да му помогнеме на овој пациент.

За жал, уште еден пациент почина вчера кој беше донесен на лекување од друга болница каде бил интубиран на респиратор повеќе од 10 дена и на кој немавме време да примениме никаков метод од нашето лекување.

Со ова сакам да порачам дека техниката со која ние пристапуваме дава одлични резултати, а пациентите драстично побрзо закрепнуваат, доколку инфекцијата започне да се третира на почетокот доколку не се развие лоша клиничка слика.

Загрижувачки е тоа што сè повеќе ни доаѓаат млади пациенти заболени од К-19. Имено, последниот пациент кој сè уште го третираме е 23 годишен, па со ова, таа теорија дека вирусот ги напаѓа само старите лице, очигледно пропаѓа.

Ќе ви покажам само еден типичен рендген пример и со ова сакам повторно да апелирам до јавноста, да ја сфатат сериозно состојбата, бидејќи станува збор за многу тешка и агресивна болест.

Ние за првпат излегуваме со официјална изјава за нашиот метод на лекување, а истото ќе биде објавено и во научните портали. Нашиот концепт е ветувачки засега, со сите овие иницијални резултати на тешко болните, кои од лоша клиничка слика одат кон подобрување, со што би можело да се одбегне интубирањето односно, ставањето на респиратор – заклучува д-р Жан Митрев.