Приказната за борбата со ракот на Тамара Алемпијевиќ е вистинска инспирација за болните.
Пред седум години на Тамара Алемпијевиќ, тогаш шеснаесетгодишна девојка, и била поставена дијагноза лимфом. Денес таа е здрава млада девојка чија борба со болеста инспирира многумина.
“Најдовме абнормални клетки по извршената биопсија на лимфните клетки. Постојат различни облици на лимфом. Вашиот се нарекува мурбус Хочкинс.”
Ова се зборовите кои докторот и ги упатил на Тамара Алемпијевиќ кога имала само шеснаесет години. Денес има 23 и здрава е, весела девојка.
-Срцето силно ми чукаше. Не знаев што да мислам, што да кажам, што да направам. Бидејќи, што можеш да направиш кога докторот ќе ти соопшти дијагноза која со недели ја чекаш да ја слушнеш, а која поскоро никогаш не би посакал да ја слушнеш?
Да му се заблагодариш? – се сеќава Тамара на најтешките денови и продолжува:
-Бидејќи малку климнав со главата додека лекарката ме убедуваше дека лимфом е облик на рак кој најефикасно се лекува, не можев да избегам од впечатокот дека сум казнета поради нешто што не сум во состојба да го сфатам, но сепак се насмевнав и прокоментирав:
“Што сега?” Следеше објаснување на моето прашање, но не можев да се фокусирам на нејзиниот одговор, бидејќи во главата ми одѕвонуваа уште милион прашања на кои, знам, дека нема одговор.
Немав поим како да им ја соопштам веста на моите пријатели, на другарите од училиште и семејството. Идејата да ги оптеретам другите со своите проблеми, особено момчето, ми делуваше себично.
Дури, едно време помислив да му раскинам и да го поштедам од повеќемесечните непотребни маки. Неделите што следеа беа исполнети со дополнителни мачни прегледи кои требаше да одредат во кој степен е ракот, вклучително ултразвук, скенер, рендген, магнетна резонанца и безброј вадења крв како и коскена с’рж.
-Потоа почнав со хемиотерапија. Следеа мачнини, опаѓање на косата, дебелеење и разни физички промени поради кои помислив дека луѓето повеќе нема да сакаат ни да ме погледнат, ниту да ме сакаат.
Ја презирав сопствената површност поради таквите мисли и одлучно променив некои ставови – раскажува Тамара.
На крајот, после четири циклуси хемиотерапија кои се протегнаа на 3,5 месеци и два циклуси зрачење од еден месец, утврдија дека ракот се повлекол.
Како се чувствувате сега, седум години после дијагнозата?
-Нашата состојба зависи од нашите мисли. Поточно, како сакаме да се чувствуваме така и ќе ни биде, што во мојот случај значи дека сум одлично.
Што ви велат сега лекарите на редовните контроли?
-Со оглед дека поминаа 7,5 години од излекувањето, повеќе немам редовни контроли.
Дали сега практикувате поздрав живот (физичка активност, исхрана)?
-Пред болеста многу спортував и бев многу активна. Сега сум попасивна, бидејќи физичката активност тешко ми паѓа. Не сум некој поборник на здрава исхрана, бидејќи можам да јадам кога и колку сакам, а тоа да не ми се забележи.
-Кои ви се омилените намирници?
-Без мајонез не можам да си замислам оброк, буквално со сè го јадам. Сакам да јадам и сè што е кисело, па така некогаш си варам брокула, ја закиселувам и ја јадам наместо чипс. Не сум некој гурман, повеќе сакам полесни оброци.
Дали секојдневно јадете овошје и зеленчук?
-Се обидувам секојдневно да јадам овошје и зеленчук, или барем нешто од тоа. Би било добро кога сите би можеле да јадеме непрскани плодови и јас се обидувам да пронајдам такви.
Кои ритуали ги практикувате?
-Станувам околу 8 часот и одам на работа до 17. Сето останато е непредвидливо. Некогаш одам да прошетам а некогаш цело послепладне го поминувам гледајќи серии или читајќи книга. Ако нешто баш мора, ќе биде направено, а сè останато може да почека.
Дали бевте под посебен режим на исхрана додека примавте терапија?
-Додека се лекував имав посебен режим на исхрана, поточно ме советуваа да не внесувам емулгатори, прскано овошје и зеленчук и свинско.
Но, подоцна, самиот организам си бараше она што му е потребно.
Една докторка ми рече: “Ако ти се јаде слатко, кажи и на мајка ти нека ти направи, немој да купуваш. Ако ти се јаде свинско месо, јади слободно, нема да ти ги уништи цревата. И тој твој мајонез, јади колку сакаш само немој да претеруваш…”
Сè се сведува на тоа да бидеме умерени во сè, па и во храната.