Оваа мусака е за сите годишни времиња. Компир, пилешко бело месо, морков, ориз, малку панцета и кромид. Едноставно се реди, се пече и се ужива.

Потребни состојки: 4-5 големи компири, 500-600 пилешко бело месо без кожа и коски, 1 главица кромид, 2 полни раце ориз, 1 поголем морков, 150-200 г панцета или друга сланина, димен врат, печеница…, 3 цели јајца, 200 мл јогурт, 400 мл вода, 50 мл масло, 1 лажица меко брашно, 2 лажици сув зачин (вегета) и малку црн пипер и магдонос

Постапка: Компирот се мие, се лупи и се сече на тенки плочки. Рерната се вклучува на 200 степени. Кромидот се чисти и се сече на ситни коцки.

Во поголема тепсија се налева малку масло и се премачкува дното. Потоа на дното се распоредува кримид, а врз него половина од исечениот компир.

Тркалцата од компир се редат густо, за да се добие една цела поплочена површина. Врз компирот наросете ориз, а преку него една лажица сув зачин. Потоа наредете сечкана панцета или што и да се одбрале.

Белото месо исечкајте го на тенки шницли, па наредете го преку сланината/панцетата. Врз белото месо наредете коцкички морков, па најгоре истатокот од компирот.

Изматете јајца, зачинете ги со сув зачин, додадете јогурт, брашно, црн пипер и магдонос, па додадете вода и убаво соединете.

Смесата прелијте ја преку компирот. Треба да има течност врз компирот околу 1 см, за да може убаво да се зготви прво во течноста, а потоа и да се запече.

Се става да се пече во загреана рерна на 200 степени око 2 часа или додека да испари течноста и да се запече горниот слој. Послужете топло со некоја салата.