Младите компирчиња се едни од највкусните закуски кои се послужуваат како предјадење или прилог на главното јадење. Одлично одговараат со месо, особено ако се крцкави и сочни. Започна сезоната на младите компирчиња кои растат во многу бавчи, но може да ги најдете и на локалните пазари. Подгответе ги според рецептот на Јелена кој таа го сподели со еден мал трик за да ви излезат сочни и крцкави.

Печените компири не секогаш излегуваат крцкави во рерна. Со еден мал трик и едноставни состојки подгответе ги според овој рецепт. Компирчињата ќе добијат крцкава коричка како да сте ги пржеле во масло. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: млади компирчиња (количина по потреба), 1 гранче свеж рузмарин, 2-3 чешниња лук, 1 лажица сув зачин, 1/2 лажичка црн пипер, црвена зачинска пиперка, масло по потреба.

ПОСТАПКА: Младите компирчиња исчистете ги и ставете ги во длабок сад, прелијте ги со ладна вода и ставете да се варат. Од моментот кога ќе зоврие водата, варете ги точно пет минути, па извадете ги со решеткаста лажица.

Варењето на компирите непосредно малку пред печењето помага да добијат прекрасната крцкава коричка однадвор. Ако не ги сварите претходно, надворешната кожа ќе остане прилично цврста, што значи дека без оглед на маслото што ќе го користите нема да може да навлезе во внатрешноста.

Овие компирчиња нема потреба да ги сечете на помали парчиња. Многу се вкусни и изгледаат декоративно и кога се целосно испечени. Рерната вклучете ја да се загрева на 220 степени. Малку оладените компири ставете ги во еден подлабок сад и веднаш во нив додајте го ситно сечканиот свеж рузмарин, кој ќе им даде прекрасна арома.

Настрана исечкајте или поминете низ преса 2-3 чешниња лук, соединете со 1-2 лажици вода и оставете да отстои кратко време. Потоа, прелијте преку компирите и внимателно распоредете насекаде. Зачинете со 1 лажичка сув зачин (вегета), а може и со сол, но внимавајте на количината која ќе ја додадете бидејќи компирите многу ја апсорбираат солта.

Запиперете по вкус и додајте сосем малку црвена зачинска пиперка (може и лута, кој сака). Измешајте со раце, па прелијте со масло по потреба, додека сите компири да се намастат. Подгответе си плех за печење и обложете го со хартија. Истресете ги компирите и секој компир посебно одделете го, за да не се преклопуваат.

Истурете ја преостанатата смеса од масло и зачини врз компирите и рамномерно распоредете. Кога рерната ќе се загрее на највисока температура, ставете ги компирчињата да се печат во загреаната рерна. Кога ќе зарумени коричката, извадете ги од рерна. Се печат од 20-30 минути. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.