Оваа база за семифредо можете да ја „зачинете“ по свој вкус, со лешници, кекси или овошје, да го сервирате во чаши или повеќе садови. Најдобар е откако добро ќе отстои во фрижидер. Не се создаваат кристали како кај другите сладолед-колачи кои треба да се миксаат.




Во видеото кое можете да го погледнете подолу на линкот, колачот го ладев четири часа, а можете да ја видите текстурата и пресекот на истиот, а после го оставив во замрзнувач цела ноќ. Следниот ден не беше како камен, туку баш убаво можеше да се извади.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 жолчки, 1 цело јајце, 200 г шеќер (може и помалку, по вкус), 500 мл слатка павлака, околу 300 г Милка еурокрем (може да користите и нутела или кој било друг лешников крем, како и овошје).




ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете налијте вода, да има во висина приближно 2 см. Тенџерето ставете го на оган. Додека водата да зоврие, вие изматете ја слатката павлака, меко како за шлаг.




Во друг сад ставете јајце, жолчките и шеќерот и изматете ги пенасто додека да згуснат. Ставете ги врз пареата од тенџерето и матете околу 10-тина минути додека да се зготви кремот. Тргнете го кремот од оган и веднаш додека е топол додајте го во изматената слатка павлака и промешајте.




Обложете помал калап (во случајот користев плех за леб со димензии 30х11 см, но може каков било друг калап со лични димензии). Ставете половина од смесата, малку израмнете, па преку средината премачкјате тенок слој еурокрем.




Одозгора нанесете го остатокот од смесата за семифредо и израмнете. потоа со некоја лажица или шпатула малку прошарајте низ калапот за да се измеша со еурокремот. Повторно израмнете ја горната површина.




Колачот ставете го на ладење, најмалку 4 часа во замрзнувач. После само превртете го на тацна, а може да остане и во калапот. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Еден друг рецепт за семифредо со плазма и бело чоколадо, прочитајте го подолу:




Потребни состојки: 4 жолчки, 6 лажици шеќер, 200 г бело чоколадо, 500 мл слатка павлака, 150 г плазма и 1 лажица арома од ванила. Постапка: жолчките добро изматете ги со шеќерот додека смесата да побели и да се растопи шеќерот. Ставете на пареа да се сварат, а кога смесата ќе се загрее додајте го и белото чоколадо искршено на коцки.




Матете со жица или миксер додека чоколадото да се растопи. Потоа тргнете на страна да излади. Изматете ја слатката павлака, додајте арома од ванила и уште кратко изматете. Потоа додајте ја смесата со жолчки и бело чоколадо, па кратко изматете додека убаво да се соедини.

Плазма кексите издробете ги, не треба да бидат мелени. Тргнете на страна 4 лажици за основа. Филот поделете го на 2 дела, па во едниот додадете ја плазмата, а вториот оставете го како што е. Јас користев правоаголен калап со длабочина од околу 8 см, должина 20 см а ширина 8 см. Може да користите и поинаков калап, каков имате. Обложете го со проѕирна фолија или кеса.




На дното ставете дробена плазма (4 лажици кои ги тргнавте на страна). Потоа ставете половина од жолтиот фил и израмнете, па половина од филот со плазма, па жолт фил, па филот со плазма. Покријте одозгора со проѕирна фолија и ставете во замрзнувач, најмалку 4 часа.

Кога семифредото ќе се излади, превртете го на тацна, одозгора украсете со шлаг, плазма, чоколадо, овошје…со што сакате. Сечете на парчиња и уживајте. Ако по некој случај ви остане некое парче, покријте го со фолија и чувајте го во замрзнувач до послужување. / Сооlinarika.com