Домашните мекици или теганици се многу вкусни теста, а се приготвуваат без јајца и млеко, па доколку постите може да ви послужат како одличен појадок или вечера. Одлични се, брзи и едноставни, а што е најважно, извонредно вкусни. Вкусни се и можете да ги послужите за појадок или вечера. Ова тесто е фино и одлично, дури и кога ќе се оладат остануваат подеднакво вкусни.




Пригответете го тестото, оставете го да порасне, па од него вадете и пржете си онолку мекици колку што ќе ви излезат, во зависност од големината на кои ги вадите. Тестото е одлично, воопшто не впива масло. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно – 4 чаши, 400 мл вода, 1 лажица мед, 1 лажичка сол, 1 лажица масло, 1 лажица сув квасец и масло за пржење.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 400 мл топла вода, па во неа додајте 1 лажица сув квасец, 1 лажица мед и одземете 2 лажици брашно од вкупната количина. Измешајте ги состојките со жица/маталка, додека да се соединат и почекајте кратко време, додека квасецот да набубри.




Потоа, постепено започнете да го додавате брашното, на повеќе наврати. Јас обично го додавам чаша по чаша, па соединувам сѐ, па потоа повторно додавам од брашното, додека да ја потрошам целата количина. После 4 чаши брашно, кои лесно и брзо се соединуваат, последните две се мешаат потешко бидејќи состојките започнуваат да се формираат во тесто.




Кога ќе забележите дека жицата/маталката ви се заглавува во тестото и почнува да ви лепи, тогаш преминете на месење со раце. Тестото не го месете со притискање, само лесно виткајте го од краевите кон средината. Откога ќе го замесите, покријте го тестото во садот со стреч-фолија и оставете да отстои 10 минути, на топло место.




Потоа, додајте 1 лажица масло, па месете додека да ја впие сета течност. Тестото лесно се обработува со рака, затоа не е потребно многу време да се меси, како бесквасните теста. Откако ќе го замесите тестото и тоа ќе стане компактно (треба да биде малку лепливо), обликувајте го во топка и поклопете го со капак или покријте го со кеса/стреч-фолија и оставете го на топло место да стасува еден час, додека да го удвои својот волумен.




Стасаното тесто откако ќе ферментира е доста меко, па малку набрашнете ги прстите и премесете го за да се истиснат гасовите од него. Тестото треба да биде меко и малку лепливо за прстите. Следно што треба да направите е да ги намастите дланките. Потоа откинувајте парчиња од тестото и обликувајте топчиња, па редете ги врз мазна и малку намастена површина.




Топчињата покријте ги и оставете ги на топло да одморат 10 минути. Јас обично тестото го делам на 7-8 делови. Во широк сад сипете масло за готвење со длабочина од 2 см, па ставете го на рингла да се загрева на умерена температура. Повторно, со намастени дланки земајте ги топчињата и со прстите развлекувајте ги, па спуштајте ги во врелото масло.




Пржете ги по неколку минути од двете страни додека да добијат златножолтеникава боја. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салфетка и послужете ги топли со парче сирење и чаша јогурт. Деталите погледнете ги ОВДЕ.