Најчесто при подготовката на торти и колачи кои се прават со бисквитен пандишпан се става најмногу брашно, а помалку од останатите состојки. Речиси и да не постои рецепт во кој се става помалку од 100 г брашно, што некогаш може да ве стави во непријатна ситуација, ако немате во моментот, а очекувате гости. Во овој рецепт за вкусна и ароматична торта ќе ви биде потребно да ставите само 2 лажици брашно.




Рецептот го добив од свекрва ми која ми го прати и ми рече дека тортата излегла многу вкусна. Веднаш ја пробав и се воодушевив од вкусот. Најчесто сакам да подготвувам чоколадни торти, а оваа торта со портокал е нешто сосема поразлично и уникатно. Не можам да ја наречам „Портокал торта“ бидејќи не е само овошна, од сѐ има таман. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 8 белки, 3 жолчки, 12 лажици шеќер или 250 г, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 г мелени ореви, 2 лажици брашно. ЗА ЖОЛТИОТ ФИЛ: 3 кори од портокал, сок од три портокали – 350 мл, 5 жолчки, 100 г шеќер, 1 кесичка шеќер, 100 г густин, 400 мл млеко, 200 г путер/маргарин. ЗА БЕЛИОТ ФИЛ: 300 мл ладно млеко, 3 шлаг пени.




ПОСТАПКА ЗА БИСКВИТОТ: Јајцата стоплете ги на собна температура, па поделете ги на белки и жолчки. Белките складирајте ги во подлабок сад и започнете да ги матите со миксер, додека да станат пенасти. Постепено започнете да додавате 12 лажици шеќер, додека непрекинато матите со миксерот и ја зголемувате брзината.




Додајте 1 кесичка ванилин шеќер, па кога шеќерот ќе се растопи и белките ќе се стегнат во поцврст снег, додајте 3 жолчки. Додавајте ги постепено, а не одеднаш, на пример разматете ја едната жолчка во смесата, па додајте ја втората, повторно соединете, па додајте ја третата. Потоа, тргнете го миксерот настрана и додајте ги преостанатите суви состојки.




Додајте 200 г мелени ореви и 2 лажици брашно, па сѐ измешајте со шпатула. Вака соединетата и лесна смеса (малку ќе спласне) излејте ја во плех со стандардна големина од рерна, обложен со хартија за печење. Бисквитот печете го во претходно загреана рерна на 180 степени, 15 минути. По печењето, оставете го да се олади, па исечете го на 3 еднакви делови, по должина. Тортата треба да биде долгнавеста, но тенка.




Додека го чекате бисквитот да се олади подгответе го жолтиот фил. Добро измијте ги портокалите, па кората изрендајте ја на сите три во едно тенџере. Потоа, исцедете го сокот од портокалите, па сосе кората складирајте го во тенџере. Додајте ги преостанатите пет жолчки и се заедно измешајте.




Настрана со жица/маталка соединете го шеќерот, густинот и млекото. На неколку наврати излевајте ја белата смеса во портокаловата. Тенџерето ставете го на рингла, вклучена на ниска температура и сѐ соединувајте полека, со константно мешање. Гответе додека кремот да се згусне како пудинг. Потоа, тргнете го настрана и оставете да се олади. Измиксајте го пенасто путерот и кремот соединете го со него.




Измиксајте ја белата смеса, така што кесичките шлаг ќе ги соедините со млекото (според упатството на кесичката). ФИЛУВАЊЕ: кора, портокалов фил, бел фил, кора, портокалов фил, бел фил… и уште еднаш истото. На крајот целата торта премачкајте ја со преостанатиот портокалов фил, па со белиот. Декорирајте по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.