Медицинската салата е рецепт од минатиот век, од нашите мајки, а особено беше популарна во 80-тите години. Полна е со витамини, а името “медицинска” го добила по тоа што за да се засили дејсството на конзервансот се ставаат таблети ацетисал или аспирин.

Во овој рецепт на 3 кг зеленчук се става 1 конзерванс, но кој е алергичен на оваа состојка може и да ја изостави.

Потребни состојки: 2 кг пиперки везенки, 1 кг моркови, ½ шолја од кафе шеќер, ½ шолја од кафе сол, 3 шолји од кафе винска киселина 4%, 250 мл масло, 2 апчиња ацетисал, 1 конзерванс, лук по вкус и 1 китка магдонос

Постапка: Пиперките измијте ги со ладна вода, исчистете ги од петелките и семето, исцедете ги, наредете ги во тепсија и кратко запечете ги во рерна, колку малку да омекнат. Кој сака луто, може да стави половина благи, половина лути пиперки.

Потоа оставете ги да изладат и исечете ги на парчиња со средна величина. Морковите измијте ги и исчистете ги, па кратко подварете ги во вода со малку сол. Потоа исцедете ги и исечете ги на помали коцки.

Измешајте ги исечените пиперки и морковите. Додадете ситно сечкан свеж магдонос, лук по вкус, сол, шеќер, масло, винска киселина со јачина од 4%, конзерванс и две таблети ацетисал/аспирин. Промешајте, поклопете и оставете така два часа за да се соединат вкусовите и да се растопат состојките.

Потоа полнете ги теглите, затварајте ги со врели капаци, и завитајте ги во топло. Така завиткани оставете ги цела ноќ, а следниот ден ставете ги во шпајзот, на ладно и темно заедно со другата зимница. Совет: за подобро да се растворат таблетите, претходно издробете ги помеѓу две лажици додека да добиете прав.

Coolinarika.com