„Без претерување, ова јадење е толку вкусно и толку лесно и што е најважно, има за целото семејство. Рецептот го зедов од хотелскиот ресторан во Кушадаси кога бев на одмор. Кога бевме на летување со сопругот, постојано ова го јадевме и не можев да си отидам додека не го имам рецептот во свои раце.

Оттогаш го подготвувам многу често и сѐ уште сме воодушевени. Во овој рецепт се става пилешко филе, но можете да користите и батаци одвоени од коската и навистина е многу вкусно и така. Наместо обични пиперки ги искористив пиперките од зимница што ја подготвив минатата година, а вие додајте и од останатите состојки кои се напишани подолу во рецептот.

Зачините и нивната количина нормално ги одредувате сами, по ваш вкус. Верувам дека ако одлучите да го пробате ова јадење, ќе ви се допадне исто како и на нас. Може да го подготвувате за ручек или за вечера. Маж ми е највоодушевен од овој оброк“, вели Валентина. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг пилешко филе, сол, масло, црн пипер, црвена зачинска пиперка (лута и слатка), лук во гранули или неколку чешниња свеж лук, оригано, соја сос, 700 г модар патлиџан, 1-2 главици кромид, 1 морков, 2-3 пиперки, 500 г домати, 220 г ориз или булгур.

ПОСТАПКА: Пред вас наредете го пилешкото филе. Јас имав четири парчиња кои ги ставив на кујнска даска и ги избришав со салфетка за да не бидат мокри. Исечете го секое филе на тенки парчиња, како за пилешки прсти. Пренесете ги парчињата во подлабок сад. Додајте малку масло, колку што мислите дека е доволно за маринада.

Посолете по вкус, запиперете, па додајте и останати зачини како црвена зачинска пиперка (лута и блага), оригано, малку соја сос и лук во гранули или испасирани чешниња свеж лук. Промешајте ги зачините и останатите состојки со штипалка, за да не си ги валкате рацете.

Во меѓувреме, исечете ја дршката од модриот патлиџан, пресечете го по должина, а потоа на полупрстени, со дебелина од еден прст. Ставете го модриот патлиџан во вода, која сте додале малку сол и оставете го да кисне некое време. За тоа време, исечкајте го кромидот на полупрстени, а морковот излупете, па изрендајте го.

Во тавче со загреано масло (на низок оган) ставете го кромидот да се пржи, па кога малку ќе омекне додајте го морковот. Гответе на тивко, додека кромидот да почне да се растопува при пржењето. Повремено промешувајте. Кога кромидот ќе омекне, додајте ја зимницата од сечкани пиперки, сок од домати и парчиња домати.

Доколку немате зимница, можете посебно да исечкате неколку пиперки (2-3), да додадете сечкани домати и малку доматен сос. Откога ќе ги додадете овие состојки, зајакнете го оганот на ринглата и гответе околу 10 минути, додека да испарат течностите. Додајте го процедениот модар патлиџан и гответе на пониска температура, додека да омекне.

Оризот може да го додадете во зеленчуците, така ќе биде многу полесно. Оризот претходно се натопува во вода и се остава да кисне во неа, па кога ќе набубри се процедува и се додава во тавчето со зеленчуците. Соединете нежно за модриот патлиџан да не биде кашест и сѐ пренесете во тепсија или огноотпорен сад и распоредете. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.

Кога ќе ја префрлите смесата во плехот, излејте со вода (околу 800 мл) за оризот да се зготви. Печете околу 30-40 минути, а по печењето рерната не ја исклучувајте. Маринираното пилешко (кое може да го подготвите од претходната вечер) испржете го сосе маринадата во тавче. Времетраењето на подготовката зависи од дебелината на која е исечено месото.

Кога ќе се испече тавата со зеленчуци, наредете го месото одозгора, а по желба наредете и неколку шери доматчиња и лути пиперки. Покријте со алу-фолија и вратете во рерна на уште 10 минути за месото малку да се спушти и да навлезе во зеленчукот.

Забелешка: Пред да ја извадите тепсијата со зеленчук од рерна, пред додавање на месото, пробајте го оризот дали е сварен и омекнат, а по потреба долејте повеќе вода. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.