Ја викаме теткина пита, затоа што рецептот е од тетката на мојот сопруг. Толку едноставно и брзо се прави, па кога и да немам време, го правам ова за ручек.
Питата се прави со готови кори, но поради премазот, корите излегуваат како да се домашни. Комбинациите за филот се разновидни, некогаш ја правам само со сирење, некогаш со сечкан компир, а денес ја направив со сирење и тиквички.

Немам мера кога почнувам да јадам, навистина е убаво и вкусно. Питата е готова за 5 минути, а потоа се става на печење. Освен за ручек, идеална е за појадок или кога немате многу време да поминувате во кујната. Има нежен вкус, бидејќи се подготвува од тенки кори за пита. Не е комплицирана за правење, практична е. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г тенки кори за пита (1 пакување), 400 мл течен јогурт (2 чаши), 200 мл масло (1 чаша), 2 чаши брашно (од 200 мл), 1 кесичка прашок за печиво, сол по вкус. Во продолжение може да прочитате неколку идеи за фил. Ќе ви претставиме 4 варијанти на фил, а може да си измислите и ваш рецепт.

ПРВ ФИЛ: сечкани компири, црвен кромид, црн пипер, сол. ВТОР ФИЛ: свежо сирење, јајца, крем сирење/павлака, сол. ТРЕТ ФИЛ: свежо сирење, јајца, тиквички, сол (овој го подготвувам јас). ЧЕТВРТ ФИЛ: мелено месо динстано во кромид, црн пипер, сол.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад соединете ги млакиот јогурт, маслото и солта. Јас обично ставам 1 лажичка сол или 1 и пол. Соединете со жица или маталка, па постепено додајте 2 чаши брашно (јас го додавам на 4 пати). Измешајте додека да се формира густа смеса, малку погуста од онаа за палачинки.

Со последното додавање на брашното, додајте го и прашокот за печиво. Измешајте ја смесата до целосно соединување. Направете си еден рамен простор и малку намастете и набрашнете ја површината. Ставете една од корите, па започнете со филување на питата на следниот начин:

Со подготвената смеса премачкајте ја првата кора, втората исто така, а на третата ставете го филот по желба. На секоја втора кора филувајте и запазете секоја кора да се прелие со смесата. На овој начин редете и премачкувајте по 3 кори, за да добиете 4 пити-ролати, односно додека да ги потрошите корите и премазот.

Овој пат направив фил од сирење и тиквички (користев 2 тиквички сечкани на коцки со средна големина, ставив малку сол, 4 јајца и 500 г сирење). Доколку сирењето е многу солено, не посолувам. Кога питата ја правам со компири ставам околу 1 кг компири. Кога ја правам само со сирење, тогаш ставам околу 700 г сирење и 5 јајца, а со месо користам 600 г мелено месо, 2 црвени кромидчиња и зачини.

Филот може претходно да биде пропржен, но не е неопходно. На пример, тиквичките може да се изрендаaт и да се пропржат во малку масло, пред да се соединат со сирењето. Доколку правите со мелено месо, кромидот исечкајте го на ситно, пропржете го, па кога ќе омекне, додајте го месото и пржете додека да зарумени.

Филот со компир може да се подготвува на два начини. Првиот начин е да ги изрендате компирите и да ги пропржите, па да ги соедините со сирењето, а вториот начин е да ги исечкате на средни коцки, да ги сварите и да ги соедините со останати зачини.

Филуваната и прелиена пита се свиткува во ролат и така 4 пати, за да добиете четири ролати. Покријте со остатокот од смесата и печете околу 10 минути на 230 степени, па намалете на 200 степени и допечете уште 20-25 минути. / Сoolinarka.сom