Баба ми помисли дека сонува кога го проба овој колач. За малку ќе се расплачеше од сите спомени кои наеднаш почнаа да и навираат. Овој вкус, рече таа, никогаш нема да го заборавам! Овој колач го правеше мајка ми постојано кога ние бевме деца и оттогаш го немам вкусено. За жал, не го сочував рецептот и секојпат кога се сеќавам на мајка ми ми текнува и на овој колач.

Ако и вие сакате да ја изненадите вашата баба со некој колач од нејзиното време, запишете си го рецептот и пригответе го овој едноставен, а многу вкусен рецепт. Јас го пронајдов на еден канал и многу сум среќна што го направив, особено поради баба ми. Колачот се приготвува со мелено семе од афион, но истиот можел да се приготви и со мелени ореви. Следниот пат ќе го испробам на тој начин. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 210 г путер, 170 г шеќер во прав, 170 г мак (мелено семе од афион), 170 г сенаменско брашно, 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г), 130 мл млеко, 5 јајца (белки + жолчки), 1 прстофат сол, 200 г шеќер во прав, калап 28х22 см

ПОСТАПКА: Путерот исечкјате го на помали коцки и оставете го да омекне на собна температура. Кога ќе го притиснете со прстот треба да проаѓа низ него. Тогаш додајте го шеќерот во прав и пенасто изматете го со миксер неколку минути додека да стане кремаст.

Во друг подлабок сад измешајте ги сите суви состојки: просејте го брашното и помешајте го со прашокот за печиво, а потоа и со меленото афионово семе. Сипете малку од мешавината во изматениот путер и продолжете со миксање за да се соедини.

Потоа сипете малку млеко и матете додека да се инкорпорира. Постапката продолжете ја со наизменично додавање на суви состојки и млеко, додека да се потрошат целосно и да се добие компактна, хомогена и мазна смеса. За ова се потребни 5-6 минути непрекинато матење со миксер и наизменично додавање на состојките.

Со чисти и суви маталки изматете ги белките од 5 јајца со прстофат сол додека да добиете цврст снег. Додајте го во изматената смеса и мешајте со лажица или кујнска шпатула со бавни движења, превртувајќи ја смесата од долу кон нагоре за да се сочува пенливоста.

Добиената смеса излејте ја во подготвен калап со димензии 28 х 22 см или приближно (обложен со хартија за печење), распоредете рамномерно и израмнете, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 20 минути. Додека се пече колачот, подгответе ја глазурата:

Жолчките пенасто изматете ги со миксер заедно со шеќерот во прав додека да згуснат и да добиете светла кремаста смеса. Печениот колач извадете го од рерна и врз него веднаш излејте ја смесата од жолчки и шеќер.

Ова е многу важно во постапката за да се истретираат жолчките со топлината на колачот. Распоредете ја смесата рамномерно и израмнете. Оставете го колачот да се олади и да се исуши за што се потребни неколку часови или преку цел ден. Ако имате дехидрататор постапката би била побрза.

Проверете со рака дали површината од глазурата се стврднала, па дури тогаш колачот сечете го и послужете го. Овој колач е вистински рај за непцето, тоа ќе ви го каже баба ви, а и самите можете да се уверите во тоа. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.