Доаѓа периодот на вкусни предјадења кои се најпосакуваните на трпезата и се чини дека сите најмногу се заситуваат од нив. Како предјадење може да подготвите различни мезиња, похуваници, салати, ролати, идеите се неисцрпни. Домаќинките најчесто посегнуваат по мезињата од сувомеснато, сечкани кашкавали, сиренца, намази, но ги обожаваат и салатите кои се прават за кратко време.




Во продолжение може да прочитате еден рецепт за ролат кој е кремаст како салата. Речиси и да не се чувствува кората при секој залак, која и самата е направена од кремаст сос и снег од белки. Ваков ролат досега не сте пробале, а со сигурност ќе ви стане омилен. Рецепт на Јелена.




За да го подготвите овој кремаст ролат, не ви се потребни многу состојки. Кората се подготвува од неколку белки од јајца, малку млеко и брашно, а за филот ќе ви биде потребно шунка, кашавал, павлака и мајонез. По желба, во филот може да додадете кисели краставички или нешто друго, што сакате. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г маргарин, 100 г брашно, 1/2 литар млеко, сол (ако е потребно) – по вкус, 6 јајца, 300 г шунка или некое друго сувомеснато, 200 г рендан кашкавал (по избор), 300 г милерам павлака (со висок % мм), 100 г мајонез.




ПОСТАПКА: Одделете ги сите 6 белки од жолчките во посебни садови. Во белките додајте прстофат сол и пенасто изматете ги со миксер додека да добиете цврста бела пена која не паѓа од садот. Матете најмалку 5 минути. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.




На едно тавче на рингла направете бешамел сос. Ставете го маргаринот да се растопи во тавчето на ниска температура, па додајте го брашното и мешајте додека да се формира густа смеса. Постепено започнете да го додавате млекото, со постојано мешање и гответе додека да се добие целосно изедначена, густа смеса. Посолете по вкус.




Додајте ги жолчките една по една во бешамелот со непрекинато мешање (да не се формираат грутки). Потоа ставете го цврстиот снег од белки (на неколку наврати) и нежно мешајте додека смесата да се соедини. Во поголем плех (за рерна) ставете хартија за печење и рамномерно распоредете ја смесата врз неа.




Печете го тестото околу 25 минути, во претходно загреана рерна на 180 степени. Испеченото тесто заедно со хартија за печење завиткајте го во ролат и оставете да се излади. Шунката и кашкавалот исечкајте ги на ситни коцки или изрендајте ги и измешајте ги со павлаката.




Изладеното тесто одвиткајте го, одвојте го од хартијата, премачкајте го со фил и повторно завиткајте го во ролат. Површината на ролатот премачкајте ја со павлака и мајонез и може да наросите рендан кашкавал, како дополнителна декорација, од она што ви останало од филот. Чувајте го ролатот во фрижидер до сервирање, па потоа пресечете го на помали прстени. / Сооlinarika. сom