Изедов две парчиња од овој колач, а после посакав и трето. Но, ми беше срам од гостите пред нив да изедам половина торта, па кога си отидоа тепсијата си ја зедов и дојадов тоа што беше останато. Можеби е за срам, но овој колач е толку добар што не знаеме да застанеме на едно парче и јас и сопругот.




Прво се подготвува смесата за бисквитот, има слична конзистентност како смеса за палачинки, само што се додаваат лешници. Потоа кората се излева во плех и се става да се пече, па се премачкува со чоколаден крем, изматена слатка павлака и се наросуваат лешници. Ова е еден вид на Нутела колач, многу мек и вкусен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 150 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 150 мл млеко, 150 мл масло, 250 г брашно, 12 г прашок за печиво, 100 г мелени лешници, 200 мл слатка павлака, 2 супени лажици Нутела, 250 мл млеко и уште 50 г мелени лешници.




ПОСТАПКА: Пенасто изматете 4 јајца со жица/маталка, па додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер. Убаво измешајте колку да се соедини, па додајте го млекото и маслото. Изедначете ги состојките, а потоа додајте го брашното заедно со прашокот за печиво.




Во смесата додајте и 100 г мелени лешници, па промешајте. Треба да добиете течна, еднолична и мазна смеса. Во намастен плех со путер или масло излејте ја смесата и убаво распоредете ја (користете плех со димензии 25х40 см или приближно). Малку потчукнете ја од работната површина за да излезат евентуалните воздушни меурчиња.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 или 200 степени, приближно 35 минути. Прво може да печете на 180 степени, а по одредено време зголемете ја температурата на 200 степени и допечете го колачот, за да фати коричка одозгора. Тоа направете го после 15-20 минути од печењето, тогаш зголемете ја температурата.




Во меѓувреме измиксајте 200 мл слатка павлака, а кога ќе добиете шлаг промешајте и 2 супени лажици Нутела или некој друг чоколаден крем, по ваш вкус, кој ви е најубав. Печената кора оставете ја малку да се олади, па избоцкајте ја со чепкалка и прелијте ја со една чаша ладно млеко. Оставете кратко време додека млекото да се впие и да се хидрира кората.




Премачкајте со филот од Нутела и слатка павлака и рамномерно распоредете насекаде. Колачот ако ви се верува е готов уште сега, само треба да го декорирате со уште 50 г мелени лешници одозгора.

Може да го ставите во фрижидер малку да се стегне, но ако сте нестрпливи, може и веднаш да го јадете, исечен на коцки. Во продолжение прочитајте многу вкусен рецепт за Нугат крем со кој може да го замените матениот шлаг:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА НУГАТ КРЕМ: 125 г Милка чоколадо со топен лешник „Noisette“, 100 мл кисела павлака, + по желба мелени лешници за наросување. ПОДГОТОВКА НА НУГАТ КРЕМОТ: Чоколадото растопете го на пареа или во микробранова печка. Додајте лажица кисела павлака со енергично мешање. Смесата ќе започне да се згуснува. Додавајте го остатокот од киселата павлака, лажица по лажица со енергично мешање.

Со секое следно додавање на лажица кисела павлака, смесата ќе станува поретка. Ако смесата е прегуста за излевање, кратко загрејте ја на пареа или во микробранова печка. Ако сакате поинтензивен вкус на лешник, преку Нугат кремот веднаш наросете мелени лешници. Оставете преку ноќ, најмалку 6 часа во фрижидер.