Честопати за нашето здравје започнуваме да се грижиме дури кога тоа ќе се наpyши или кога ќе го изгyбиме, а тогаш најчесто е доцна. Затоа, од особена важност е секогаш да го одржуваме нашиот имунитет на високо ниво, да биде доволно силен и моќен за да може да се одбpани од нападите на виpycите и бактериите.




Одржувањето на имунитетот треба да биде наша секојдневна обврска, особено во периоди на виpози, грипови и настинки. Телото треба да биде добро хидрирано, а во организмот да внесуваме избалансирана исхрана која ќе му ги обезбеди сите потребни витамини и минерали за нормално функционирање на сите системи, пишува НМД.




Денес многумина во своите домови имаат блендери и соковници, па внесувањето на свежи коктели, сокови и смутиња е многу олеснато за разлика од порано. Едноставно одберете комбинација од вашите омилени плодови и исцедете сок или направете смути.




Засладете го со мед, додајте разни семки и неколку капки ладно цедено масло, куркума, ѓумбир…Па дури и да немате една ваква алатка како што се блендерот и соковникот, лесно можете да си приготвите еден витамински сок кој ќе ви го зајакне имунитетот.




Рецепт и фото на Светлана Нешковиќ: Цеден сок за имунитет – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 кг цвекло, 1 кг морков, 1 кг лимон, 1 кг јаболка, 2 литри вода, 500 г мед или повеќе, по вкус.

Фото и рецепт на Драгана Ѓорѓевиќ – Домашен густи сок – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 2 кг дуњи, 2 кг јаболка, 2 кг круши, 1,5 кг моркови, 30 г лимонтус или поголем лимон, 1,5 кг шеќер.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Цвеклото, морковот и јаболкото измијте ги добро, исчистете ги и изрендајте ги. Добро изгмечете ги со рацете и прелијте ги со вода. Поклопете и садот оставете го 24 часа да отстои. Следниот ден процедете ја смесата низ газа и добро истискајте. Додајте цеден сок од лимон и мед, па добро промешајте за да се растопи.




Вака приготвениот сок складирајте го во шишиња и чувајте го на ладно. Секое утро се пие по 100 мл на гладно. Многу е здраво. По желба кој сака во сокот може да додаде и свеж ѓумбир. Остатокот не го фрлајте, може од него да сварите џем или пак да направите салата: додајте јаболкова киселина, маслиново масло и сол, па складирајте го во тегла.




Истите состојки и истата постапка, само ако додадете и 1 кг рендан корен од целер, добивате одличен напиток кој може да ви помогне да го намалите холестеролот доколку ви е покачен. Во продолжение прочитајте ја и постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Убаво измијте го и исчистете го наведеното овошје и морковите, а потоа исечете ги плодовите на покрупни парчиња. Сокот го приготвував во тенџере од 20 литри, вели Драгана и додава:




Најпрво ставете го морковот и 3 литри вода, поклопете и вклучете на умерен оган. Кога ќе се свари морковот додајте ја дуњата и така продолжете по ред. Ако водата испари додајте слободно уште вода, по потреба. Кога сè ќе се свари земете рачен миксер и добро изблендирајте.




Потоа додајте 10 до 12 литри вода, лимонтус (или цеден сок од лимон) и шеќер. Потребно е на тивко да се довари уште 10-тина минути за да се растопи убаво шеќерот. Врелиот сок складирајте го во загреани стаклени шишиња со нови капачиња.

По желба може да додадете уште шеќер (или мед кој сака) или лимон, по желба. Исто така, кој не го сака толку густ сокот може да го процеди низ крупна цедалка или газа. Може и сами да го комбинирате овошјето, од нешто да ставите повеќе, а од нешто помалку, сè по вкус. Сокот не се разредува со вода. Во него се ужива во секое време со добро друшто. По желба, во чашата може да додадете некоја коцка мраз.