Малечката Бисера конечно може да биде постојано во прегратките на мама и тато. Иако многу мала, таа мораше да се бори за својот живот. Во април месец беше примена во клиниката на Жан Митрев и оттогаш нејзината здравствена состојба започна да се подобрува.

Малата Бисера од Прилеп, јавноста ја запозна откако нејзините родители Александра и Оливер објавија неколку видео снимки од нивното девојче кое едвај дише, а кое со месеци беше хоспитализирано во Детската клиника.

Соочени со состојба која нема подобрување, родителите бараа детето да биде соодветно третирано, а потоа побараа лекување во друга болница.
Под притисок на јавноста, Бисера ја напушти Детската клиника и беше згрижена во приватната клиника “Жан Митрев”.

Лекувањето таму чинеше многу пари кои семејството не можеше само да ги обезбеди, но тогаш се случи чудо. Голем број граѓани од Македонија и од странство донираа и за кратко време се собра потребната сума која овозможи Бисера да биде третирана во клиниката на “Жан Митрев”.

Од клиниката денеска објавија видео на кое ја објаснуваат целата постапка на лекувањето и го соопштија најважното дека малата Бисера заминува дома жива и здрава.

Да се потсетиме на пристигнувањето на Бисера во оваа клиника:

“Бисера е доенче старо 6 месеци со повреќекратен престој на Клиниката за Детски болести, и еден претходен престој во клиничката болница „Жан Митрев“ поради оклузија на десната брахиална артерија пропратено со некроза на дисталните фаланги на вториот и третиот прст десно.

Мајката и таткото на Бисера со месеци во јавноста и на социјалните мрежи бараа помош за состојбата на бебето.

-При овој прием Бисера дојде, хипотрофична, хипотонична, вознемирена, со намеалено поткожно ткиво (тенка кожа) со бројни хематоми од претходни боцкања. Бисера отежнато дишеше и имаше изразен интеркостален тираж. Психомоторниот развој многу заостануваше за нејзината возрас од 6 месеци. Бисера имаше и пареза на левата рака. На приемот кај нас Бисера тежеше 2.920 грама – вели доктор Ѓорѓи Филев, педијатар во „Жан Митрев“.

По првичните обемни лабораториски, микробиолошки и имиџинг иследувања медицинскиот персонал почнал Бисера да ја храни со хиперкалориска и антирефлуксна формула, на почеток со помали дози кои постапно се зголемувале. Исхраната одела преку назогастрична сонда затоа што Бисера го имала изгубено рефлексот за цицање.

Хроничниот белодробен наод бил лекуван со инхалации со бронходилататори кој Бисера добро ги поднела и во тек на следните денови постапно, со подобрувањето на дишењето се намалувала кислородната подршката.

По добивањето на позитивните микробиолошки наод од грлото и хемокултура кај бебето е вклучена и антибиотска тепија, надополнета и со пробиотик за да не се наруши природната цревна флора.

Интензивно е спроведувана и физикалан терапија за подобрување на моториката и воопшто на циркулацијата низ целото тело, по што Бисера била се повесела и се повеќе се гледала насмевка на нејзиното лице.

-После десеттина дена ја повикавме и нејзината мајка и сега се тие две заедно грижејќи се за здравјето притоа следејќи ги препораките на нашите доктори. Во овој краток период во нашата клиника на наше огромно задоволство можеме да информираме дека Бисера ја зголеми својата телесна тежина од 2.920 грама на 4.000 грама.

Сепак, и покрај позитивниот резултат во психомоторната и здравствена состојба кај Бисера следуваат уште терапевски процедури кои треба да се спроведат за да може целосно да се излекува. Максимално ќе се грижиме и понатаму за овој наш мал пациент за што ќе ја информираме јавноста – информираа своевремено од „Жан Митрев“.