I РЕЦЕПТ – Ќофте во доматен сос, кога немате многу време а ви се јаде нешто сочно и вкусно.

Ова јадење обично го приготвувам во работни денови, особено ако претпладне немам многу време да му се посветам на ручекот и на кујната, па потребно ми е нешто брзо, а вкусно… Само соединувам, обликувам и ставам да се готви, покрај компирот и тоа е тоа.

Потребни состојки: 500 г мелено месо по избор, 1 јајце, 1 лажица сув зачин, вегета, 2 лажици лебни трошки, презла, 1 помала главица кромид, ½ лажичка црн пипер, 1 лажичка сол или по вкус, магдонос, 700 мл доматен сос, 700 мл вода и 1 лажица брашно, по желба, доколку сакате сосот да згусне.

Постапка: ситно исечкајте го или сомелете го кромидот. Додајте го месото, сувиот зачин, црниот пипер, јајцето и презлата, па добро со рака измесете. Месете ја смесата неколку минути или додека да забележите дека состојките се изедначени во еднолична смеса.

Во подлабок сад на оган, измешајте ги доматниот сос со водата, па со влажни раце обликувајте мали топчиња и ставајте ги во садот.

Варете ги на тивко околу 90 минути или пократко на умерено-средна температура. Не грижете се дека можеби ќе ви се чини многу вода, бидејќи таа ќе испари додека да се зготват ќофтињата.

Пред крај пробајте го сосот од домати, па доколку не е доволно солен, посолете, а по желба додајте црн пипер и лист од магдонос.

Ако сакате сосот да биде уште погуст, тогаш во малку вода разматете една лажица брашно, да нема грутчиња, тргнете го садот на страна, па земете околу една чаша од сосот и промешајте ја во раствореното брашно.

Потоа полека вратете назад рамномерно распоредувајќи, а потоа малку протресете го садот. Оставете на тивко да се довари уште 10-тина минута, па тргнете од оган и послужете.

Најубаво е во комбинација со компир пире, но може и по желба. Коментар на Анита Стојановска: „Грешка е за варењето. јас ставам и ориз и за половина час е готово”. Во следниот рецепт ќофтињата се печат во рерна:

II РЕЦЕПТ – Ќофте од рерна од мешано мелено месо – брзо и лесно.

Ако сакате да приготвите брзо и лесно главно јадење за вашиот ручек, тогаш ова ќофте од рерна ќе ви биде идеално решение. Може да го приготвувате во работни денови или кога немате многу време за во кујна.

Потребни состојки: 250 г мелено свинско месо, 250 г мелено јунешко месо, 2 парчиња леб потопено во млеко, 2 јајца, 2 главици кромид, сол, црн пипер, 1 китка магдонос + зачини по вкус.

Постапка: измешајте го јунешкото и свинското месо, па додајте ситно сечкан кромид, може изблендиран или изрендан. Потоа додајте леб, издробете го со раце, посолете и запиперете по вкус, па додајте јајца и сечкан магдонос.

Со раце измесете ја смесата и обликувајте го ќофтето. Ќофтињата наредете ги во плех обложен со хартија и намастен со масло. Ставете ги да се печат на 180-200 степени околу еден час.

Послужете ги топли со пире или друг прилог по ваш вкус. Следниот рецепт потекнува од нашите баби, како што се приготвувало ова јадење во „старите“ времиња:

III РЕЦЕПТ – Ручек за добри два дена….МАКЕДОНСКО ЌОФТЕ во доматен сос. Многу вкусно јадење. Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 голема главица кромид, сол, црн пипер, ½ лажичка мелен ким, ½ лажичка мелена лут пипер (чили) или црн пипер, 1 лажица сечкан магдонос.

За сос: 500 г доматен сос/ домати од конзерва, 1 чешне лукче или повеќе, 1 лажичка мелен лут пипер (чили) или црн пипер, 1 лажичка коријандер, сол, црн пипер.

Постапка: кромидот исечкајте го ситно или изрендајте го, па пропржете го на масло да стане стаклест. Во длабока чинија ставете го меленото месо, додајте го динстаниот кромид и зачините.

Сето убаво изедначете и оставете половина час во фрижидер. Потоа обликувајте мали топчиња и пржете ги во загреано масло. Ќофтенцата вадете ги на чинија.

Во истото масло пропржете ситно сечкано лукче, додајте коријандер во зрно, мелена лута пиперка и сечкани домати од конзерва/доматно пире/сос.

Сето гответе го 10-тина минути додека да згусне сосот. Ставете ги ќофтињата во сосот и гответе уште неколку минути. Наросете со сечкан магдонос и послужете топло.