Мајка ми одамна го прави за посна слава, но јас го правам и во обични денови зошто е многу сочен, мирисен и ароматичен. Дома сите го сакаме.

Потребни состојки: 5 шолји газирана вода, 5 шолји брашно, 3 шолји масло, 3 шолји пченичен гриз, 1 лажичка цимет, 100 г сечкано суво грозје, 100 г сечкани ореви и 1 прашок за печиво. За шербет: 250 г шеќер, 1 ванилин шеќер и 250 мл вода. За наросување: 50 г сечкани ореви (не мора, но убаво изгледа)

(За мерење се користи шолја од 150 мл) Постапка: Просејте 5 шолји брашно со еден прашок за печиво и една лажичка цимет. Додадете три шолји гриз, 100 г крупно сечкано суво грозје и 100 г крупно сечкани ореви.

Сето измешајте во поголема вангла. Во средината направете вдлабнатинка па во неа излејте 5 шолји кисела вода и 3 шолји масло. Убаво измешајте за да се соединат состојките. Можете да користите миксер, а може и едноставно со жица за матење.

Рерната загрејте ја на 180 степени. Плехот 25х35 см обложете го со хартија за печење и излејте ја смесата. Тестото одозгора по желба наросете ја со 50 г сечкани ореви. Печете 35-40 минути. Проверете со чепкалка дали е печено, извадете го плехот и колачот оставете го во него да се лади.

Во меѓувреме направете го шербетот: сварете 250 г шеќер, 1 ванилин шеќер и 250 мл вода околу 3-4 минути, па со врелиот сируп прелијте го изладениот колач. Потоа оставете го на собна температура додека да го впие целиот сируп. Сечете на коцки, коцкички, штангли, тријаголници, а може и директно од плех… : – )