За сите што го обожаваат модриот патлиџан во било кој облик, оваа салата им е фаворитната. Наесен може да се се закисели и да се приготви за зимница така што ќе се исече на коцки или тркалца, па после кратко обарување во солило, се вадат и се редат во тегла.

Се става ред модар патлиџан, ред сечкан лук, по желба сечкан магдонос и масло. На овој начин се реди доидека да се исполни теглата. Многу вкусна салата која може долго да стои. Се послужува како прилог со некое месо, а може и така и да се јаде, навистина е одлична.

Но, може да ја приготвите салата и секојпат кога имат свеж модар патлиџан при рака. Може да се испече во рерна или на скара, а потоа да се зачини. Може да се искомбинира со домат исечкан на коцки, пиперка, лук… Во продолжение проследете го рецептот на Вера Стеффен.

Потребни состојки: 2 модри патлиџани, 3 чешниња лук, 1 кетка магдонос, 50 мл маслиново масло, малку оцет и сол по вкус.

Постапка: Патлиџаните измијте ги и излупете ги наизменично (не до крај, да бидат малку шаремни). Исечете ги на кругови со дебелина од 1 см. Посолете ги и добро измешајте ги. Секој круг со помош на силиконска четка премачкајте го со малку масло од двете страни.

Наредете ги круговите во плех обложен со хартија и ставете ги да се печат во загреана рерна неколку минути додека убаво да заруменат. Во меѓувреме ситно исечкајте го магдоносот, лукчето, помешајте со маслиново масло, додајте малку оцет по вкус и малку посолете.

Земете еден сад и во него ставете околу три лажици од мешавината со масло и магдонос. Потоа редете ред печени кругови од модар патлиџан, па ред од мешавина за премачкување, и сè така додека да ви се потроши материјалот. Салата добро изладете ја, па послужете ја. / Фотографија и рецепт на Вера Стеффен.

II ВЕРЗИЈА: Салата од печен модар патлиџан – здраво и брзо, на македонски начин

Патлиџан салатата е една исклучително гурманска закуска за сите љубители на неведените состојки од комбинацијата. Салатата исто така, многу е здрава, има одличен вкус и многу привлечен мирис.

Во стаклен сад може да се чува во фрижидер до три дена, ако издржи толку. Се послужува со печено месо, а за сите оние кои се на лесна исхрана, може да послужи и како оброк.

Потребни состојки: 2 модри патлиџани, 3 чешниња лук, 1 рака свеж магдонос (сечкан), 4 лажици маслиново или друго масло (од тиква, ленено…), 3 лажици оцет, сол по вкус и малку масло

Постапка: модриот патлиџан измијте го, излупете го и исечете го на тркалца со дебелина приближно еден прст. Посолете ги одозгора и сосем малку намастете ги од двете страни.

Редете ги во плех облоен со хартија и печете ги во добро загреана рерна на 220 степени околу 20 минути. Доколку сакате, можете и да ги пржите во масло, но ова е многу поздрава варијанта, бидејќи модриот патлиџан впива доста масло при пржењето.

Додека се пече патлиџанот, пригответе го сафтот: Ситно исечкајте го магдоносот, а лукот исчистете го и колку можете поситно исечкајте го. Посолете, додадете масло и оцет. Убаво промешајте и оставете да отстои за да се соединат вкусовите.

Печениот модар патлиџан додека е врел редете го во сад и наизменично полевајте го со сафтот (ред сафт, ред патлиџани) додека да ги потрошите состојките. Салатата покријте ја со проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер добро да излади. Проследете го рецептот преку фотографии: