Лешник штангли, ги правев по вкус на маж ми, ми рече поубав колач не пробал во животот

Фото и рецепт: Нале

Ова се всушност Ренато коцки само малку променети според желбите на мојот сопруг. Не мора 8 жолчки да се стават, ама мојот маж е малку размазен, па сака колачи со мнооогу фил.

Прво ги направив Ренао коцките, но тој предложи наместо кокос да ставам лешник и да направам двојно повеќе фил, па ете, направив крем со 8 жолчки наместо со 4 како што би било нормално… Повелете, пробјате ги, сигурна сум дека ќе ви се допаднат.

Потребни состојки за кора:

Loading...

4 белки
1 прстофат сол
80 г шеќер
20 г брашно
80 г печени, мелени лешници

за фил:

8 жолчки
120 г шеќер
50 г брашно
170 г млеко (мерено на вага)
90 г чоколадо за готвење
110 г путер
Останато:
30-тина печени, мелени лешници за наросување

Постапка:

Во белките додадете прстофат сол и добро изматете. Полека додавајте го шеќерот и понатаму матете додека да добиете цврст снег. Исклучете го миксерот. Полека додадете ги мелените, печени лешници и 20 г брашно. Измешајте со жица или лажица, да остане смесата воздушеста.

Земете тепсија, приближно да биде со величина од 30х20 см, па намастете ја и набрашнете ја. Рамномерно распоредете ги белките и израмнете. Печете 20 минути на 180 степени. Пробајте со чепкалка дали е готово.

За тоа време пригответе го филот: изматете 8 жолчки со 120 г шеќер. Потоа додадете 50 г брашно и 170 г млеко (мерено на вага, но исто е и во мл).

Можете да го варите на пареа, но јас сакам директно на рингла на многу тивок оган, со постојано мешање со жица, зошто многу лесно може да загори. Додадете 90 г чоколадо за готвење.

Варете додека филот да згусне убаво, па тргнете на страна и оставете да излади со повремено промешување. Кога ќе излади додадете 110 г добро измиксан путер, па заедно уште еднаш добро измиксајте за да се соединат.

Филот премачкајте го преку изладената кора и одозгора наросете со 30-тина грама печени лешници. Пред послужување добро изладете.

Сечете на штангли или коцки и уживајте во вкусот.

Доколку сакате повеќе “Фереро рочер” вкус, ставете во кремот уште околу 50 г или две лажици мелен лешник. на крај ќе ви останат 4 белки кои можете да замрзнете, да ги приготвите за појадок, да направите целувки или нешто друго.

Loading...