Овој колач е многу едноставен, а кремаст, нема на некој што не му се допаднал. Се печат набрзина две кори од белки со лешник, а кремот се приготвува со жолчки и пудинг.

Многу е нежен и вкусен. Овој колач можете да го приготвите и како торта доколку го печете во тркалезен калап за торти. Декорацијата не е потребна, но доколку сакате можете да декорирате со шлаг или чоколадна глазура, а одозгора да наросите сечкани лешници.

Потребни состојки за кори (х2!): 4 белки, 120 г шеќер, 150 г мелени лешници. За крем: 6 жолчки (екстра свежи), 10 лажици шеќер, 1 путер/маргарин (250 г), 2 пудинг од чоколадо, 600-700 мл млеко, 70 г сечкани лешници за наросување +-

Постапка: плех 32х22 см обложете го со хартија за печење, а рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Колачот многу брзо се приготвува, па така, додека рерната се згрее, смесата за кора веќе е готова.

Белките изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Пред крајот, по желба можете да додадете и една лажица лимонов сок.

На крај полека вмешајте ги лешниците со лажица, внимавајќи смесата да остане воздушеста. Мешајте со лажицата од долу кон горе, со превртување. Потоа излејте ја во плехот и распоредете ја рамномерно.

Ставете да се пече во загреаната рерна на околу 15-20 минути (додека малку да ја смени бојата). Истата постапка повторете ја и со втората кора.

За кремот: сварете ги пудинзите во млекото (прво разматете го прашокот со малку млеко и 2 лажици шеќер, а преостанатото млеко ставете го на оган да зоврие, па додавајте со постојано мешање додека да згусне).

Изладете го со повремено промешување за да не фати коричка (треба да биде доста густ пудингот, или пак покријте го со проѕирна фолија).

Во меѓувреме пенасто изматете ги жолчките со преостанатиот шеќер и путерот. Кога двете смеси се на иста температура, со лажица додавајте го пудингот во жолчките, за сето време матејќи со миксерот на средна брзина.

Редете: кора – крем – кора – крем и на крај наросете сечкани лешници. Ставете во фрижидер да излади преку ноќ, а сечете следниот ден. Во кремот се користат свежи јајца, термички необработени јајца, па затоа тортата чувајте ја во фрижидер и правете ја за консумација, најдоцна 2-3 дена.

Ако правите помала верзија, испечете една кора која ќе ја преполовите и така ќе добиете две помали кори. Уште една верзија за подолг рок на тортата, посигурна, е да ги сварите жолчките со шеќерот на пареа, па потоа , откако ќе се изладат, да ги промешате со кремот.