Многу лесно се приготвува, ќе се изненадите, а сепак трудот ќе ви биде награден од предобриот вкус на лебот и восхитот во погледите на вашите најмили. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
300 г бело брашно
100 г ‘ржано брашно
100 г печена тиква
1 кесичка сув квасец,
1 лажичка сол,
1 лажичка шеќер
и вода по потреба (околу 1 чаша)
1 жолчка за премачкување
Постапка:
Белото брашно просејте го, а потоа додајте го ‘ржаното, испасираната тиква, сол, шеќерот и квасецот.
Со постепено долевање на млака вода замесете мазно и меко тесто. Оставете го покриено на топло да стасува. Кога ќе се удвои, премесете го и повторно оставете го да стасува уште половина час.
Тепсијата или плехот каде што ќе го печете лебот обложете ја со хартија. Преку хартијата како попречно наредете 3 или 4 конци за печење со иста должина. Треба да се преклопуваат како да обликуваат ѕвездичка.
Во средината ставете ја формираната топка, а конците врзете ги на врвот. Премачкајте со жолчка и оставете повторно да стасува за да се удвои.
Стасаното тесто ставете го во загреана рерна да се пече на 200 степени околу половина час или раководете се според вашата рерна.
Конците извадете ги кога лебот малку ќе излади. Послужете го лебот со вашето омилено јадење.
Големината на „тиквата“ може да биде по ваш избор, да направите една голема или да правите мали тиквички со величина на крофна, по ваша желба.
Погледнете ја галеријата: