Красаткиот кромид за зимница можеби е најлесниот рецепт од сите, а уште подобро од сè е што не мора да го чекате две недели да отстојува, туку може уште истиот ден да се јаде. Ова е зимница која може да се јаде откако ќе отстои неколку часови.




Доколку ја сакате домашната зимница и си ги полните рафтовите со домашно произведени вкусни продукти, тогаш не го пропуштајте ниту овој рецепт. Секако, може да скиселувате и зеленчук и овошје подеднакво, во зависност од вашиот вкус.




Пиперката можеби е ѕвезда на зимницата, бидејќи од неа се приготвуваат многу специјалитети, но Македонците, па и општо, луѓето од целиот Балкан исто така, сакаат да јадат и кромид. Пробајте да го приготвите на овој начин, верувам дека ќе ви се допадне.




Јас го направив и соте што го пробаа беа воодушевени. Може да се послужи со месо, како мезе посебно или во мешани салати, а може дури да се става и во пици. Ако го направите наутро, треба да отстои 8-10 часа, па така ќе можете да го јадете уште истиот ден. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг виолетов/црвен кромид. СОСТОЈКИ ЗА 1 ТЕГЛА: 8-10 зрна црн пипер, 1 мала лажичка шеќер, 1/2 лажичка крупна сол, 55 мл оцет и врела вода за дополнување на теглата и мрежест пластичен потисок (дрвца или нешто друго за потиснување).




ПОСТАПКА: Кромид излупете го од коренот и надворешната сува лушпа, па исечете го на тенки полумесечинки. Истурете го во некој подлабок сад, па со рацете разделувајте ги полумесечинките на посебни лентички.




Теглите стерилизирајте ги во рерна на 90-100 степени околу половина час или еден час, па наполнете ги со сечканиот кромид. Потоа во секоја тегла посебно ставете по 8-10 зрна црн пипер, 1 мала лажичка шеќер, 1/2 лажичка крупна сол и 55 мл оцет.




Постепено наполнете ги теглите со врела вода (најпрво секоја наполнете ја до една третина за да се загрее теглата, па до половина и на крај до врв. Ставете пластична бела мрежичка како потисок, а ако немате ставете попречно неколку чепкалки за заби, или едноставно само подбутнете го кромидот со лажица и брзо затворете го капакот.




Наведените количини освен кромидот се однесуваат само за една тегла. Во секоја тегла додајте иста количина од наведените состојки. Оставете ги теглите завиткани во ќебенце или крпи додека да се оладат, односно 8-10 часа. После тоа можете да забележите дека капаците се вакумирани, а бојата на водата променета цо црвено. Кромидот е спремен за јадење. Деталите погледнете ги ОВДЕ.