Од многу одамна го барам рецептот за овој кралски колач. Го имам испробано неколкупати во минатото, но никогаш не успевав да дојдам до рецептот. Неодамна го јадев кај пријатели за роденден, но ми рекоа дека тортата била подарок и не го знаеле рецептот.




Вкусот сè уште го чyвствував во ycта кога ми се јави моја блиска пријателка и ми соопшти дека има убаво изненадување за мене: го нашла рецептот за тортата „Кралица Марија“ кој толку долго го барав. Се изненадив од состојките и постапката, зашто иако наизглед се чини дека е некое комплицирано ремек дело, сепак станува збор за едноставен колач. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за жолт бисквит: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 5 лажици брашно, 2 лажици масло. ЗА БИСКВИТ СО ОРЕВИ: 6 белки, 6 лажици шеќер, 150 г крупно мелени ореви, 2 рамни лажици брашно.

ЗА ПРЕЛИВ: 800 мл вода, 2 лажици шеќер, 1 лажица рум. ЗА ФИЛ: 6 жолчки, 2 јајца, 150 г шеќер, 3-4 кесички ванилин шеќер (30-40 г), 200 г несолен путер или маргарин, 100 г чоколадо за готвење. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 3 лажици масло




ПОСТАПКА (за жолт бисквит): изматете ги белките во цврст снег, постепено додавајќи го шеќерот и матете додека да добиете пенлива смеса која не паѓа кога ќе го превртите садот. Потоа започнете да ги додавате жолчките, една по една и матете додека сите да се инкорпорираат.




Маслото додајте го во тенок млаз, а на крај просеаното брашно кое се вмешува со лажица или кујнска маталка-жица, а се додава малку по малку. Мешајте бавно со превртување на смесата за да остане воздушеста и пенлива. Излејте ја плех 23х30 см (намастен и набрашнет) и ставете да се пече во загреана рерна на 180-200 степени додека малку да зарумени (проверете со чепкалка).




ПОСТАПКА за бисквит со ореви: пенасто изматете ги белките исто како и за првиот бисквит, со постепено додавање на шеќерот. Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи и да добиете многу цврст снег. Потоа додајте го просеаното брашно и мешајте бавно со лажица. На крај додајте ги мелените ореви и вмешајте ги на истиот начин.




И оваа смеса излејте во истиот плех со димензии 23х30 см, намастен и набрашнет, и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 160-180 степени додека почне да се одвојува од рабовите и сосем малку да зарумени.




ПОСТАПКА за фил: пенасто изматете ги жолчките со шеќерот и ванилата, па кога смесата ќе стане кремаста, садот ставете го врз поголемо тенџере со врела вода и згответе го кремот со непрекинато мешање, 10-15-тина минути или додека да згусне.




Во топлиот фил додајте чоколадо скршено на коцки и мешајте додека тоа да се растопи, а потоа на ист начин, додајте го путерот исечкан на крупни листови, но не мешајте, туку оставете го да се олади на собна температура. Потоа пенасто изматете го со миксер додека да добиете нежен, свиленкаст крем.




ПОСТАПКА за прелив: водата и шеќерот ставете ги на оган, па од моментот на зовривање гответе го сирупот уште десет минути, да се добие сируп со густина како сирупот за слатко. Потоа додајте го румот и оставете преливот да се подизлади.




РЕДЕЊЕ НА ТОРТАТА: Жолтата кора ставете ја на дното од плехот, испрскајте ја со преливот, потоа рамномерно премачкјате ја со половина од филот. Поклопете одозгора со кората од ореви и премачкјате со остатокот од филот. Одозгора залијте со чоколадна глазура и колачот оставете го во фрижидер добро да излади, а најдобро преку цела ноќ. Рецепт на Ирена Лана / Сооlinarika.соm