Направете ги овие вкусни обланди без варење и долго готвење бидејќи се прават од крем за кој не е потребно тоа да се прави. Овој вид на пудинг може да го најдете во било кој доброснабден супермаркет. Се подготвува така што ќе го изматите со млеко, а целата подготовка одзема неполни 5 минути. Филот е толку многу вкусен, а кога ќе се соедини со обландата се добива фантастичен вкус.




Белите обланди поретко се приготвуваат за разлика од чоколадните, а кај нас отсекогаш се подготвувале оние со чоколадо и јатки. Но, секогаш треба да се проба нешто ново, зашто токму тоа можеби ќе биде вашиот иден омилен вкус. Пробајте го овој едноставен вкус кој ќе ве чини помалку од 200 денари. Убаво одговараат со шолја кафе, за непланирани гости е одличен десерт. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ – БЕЛИ ОБЛАНДИ): 1 пакување обланди, 50 г пудинг од ванила што не се вари, 300 мл ладно млеко, 80 г путер, 1 лажица шеќер во прав или обичен шеќер.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ – БЕЛИ ОБЛАНДИ): 1 пакување обланди, 200 г кокос, 400 г кисела павлака, 3 шолји (од 200 мл) шеќер или по вкус, 1 ванилин шеќер, 200 г путер/маргарин. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ТРЕТ РЕЦЕПТ – ЧОКОЛАДНИ ОБЛАНДИ): 5 јајца, 250 г шеќер, 200 г чоколадо за готвење, 250 г путер, 1 пакување обланди.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Изматете го 50 г пудинг од ванила со 300 мл ладно млеко, па додајте го 80 г путер на собна температура кој претходно сте го изматиле со 1 лажица шеќер. Важно е да користите пудинг што не се вари, а може да го најдете во секоја доброснабдена продавница.




Премачкајте ја обландата со првиот слој крем, па ставете го вториот лист обланда, повторно премачкајте и така додека да го потрошите целиот крем. Последниот слој е обланда која не се премачкува со кремот. Завиткајте го целиот колач во проѕирна фолија и врз него ставете нешто цврсто. Се остава да се стегне на ладно неколку часа.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во едно тенџере растопете го путерот на умерена температура, додајте го шеќерот, ванилиниот шеќер и мешајте додека убаво да се растопи. Потоа додајте ја киселата павлака и постојано мешајте додека и таа да се изедначи во смесата.




Кога ќе зоврие тргнете го тенџерето настрана за да излади. Изладената смеса излејте ја во поголем сад и додајте го кокосот. Мешајте додека убаво да се натопи и изедначи со смесата. На чинија за послужување ставете еден лист обланда со дупчињата нагоре и рамномерно нанесете една третина, односно 8 полни лажици фил. Убаво израмнете.




Ставете го вториот лист обланда и притиснете за да се залепи. Нанесете повторно 8 полни лажици фил, рамномерно распоредете и израмнете, па одозгора ставете трет лист обланда. Притиснете и нанесете го остатокот од филот.




Кога ќе ја ставите четвртата обланда, добро притиснете одозгора за да се залепи (може да поставите некаков терет) и оставете околу 2 часа добро да излади или најдобро преку цела ноќ. Потоа сечете на коцки или штангли и послужете.




ПОСТАПКА ЗА ТРЕТИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата се матат со шеќерот, па се варат на пареа. Ќе знаете дека филот е сварен кога ќе го промешате со лажица и нема да останува на дното од садот. Филот треба да биде малку згуснат. Потоа се трга од шпорет и се додава чоколадото, па се меша додека сѐ убаво да се соедини.

Се мати путерот на собна температура и постепено се додава во филот, па се мати со миксер. Премачкувајте ги листовите обланди со филот, па завиткајте ги во целофан и одозгора ставете нешто тврдо, па оставете ги да се стегнат на ладно.