Еден од најугледните доктори на балканските простори, професорот д-р Драгослав Ѓорѓевиќ, специјалист за белодробни, алергиски и имунолошки болести и редовен професор на Медицинскиот факултет во Ниш, сега во пензија, открива што ни е неопходно за долг и здрав живот.
Тој смета дека сами сносиме одговорност за сопственото здравје, а дека е потребен многу мал труд за да го сочуваме доброто здравје и да го продолжиме животниот век. Заминувањето во пензија не го спречило овој врвен лекар да ја продолжи својата работа, напротив, му отворило нов простор за работа.
Своето огромно знаење, искуство и пракса ја пренел во еден учебник за животот “Тајните на долговечноста и здравјето”, кој всушност е книга со упатства за поквалитетен живот.
-Како да се проживее здрав, среќен и долговечен живот е тајна која се крие во позитивниот однос кон светот и негувањето на љубовта кон сè, првенствено кон себеси, не мислејќи кон годините, на болестите и смртта – тврди д-р Ѓорѓевиќ и продолжува:
-Од духовноста зависи и физичкото здравје – умот и телото се неразделни. Душата е најранлива, па затоа грижите и стресот многу лесно ја оштетуваат, што автоматски се одразува на здравјето.
Љубовта и уживањето се клуч на животот, а никој не нè научил колку е важно сите сетила да бидат задоволени. Кон сè треба да се однесуваме со љубов, а особено кон природното опкружување, бидејќи како ние се однесуваме кон природата, исто така таа ќе ни врати.
Нашите баби знаеле, констатира професор Ѓорѓевиќ, дека за секоја болест постои лековита билка која може да ни го врати здравјето.
-Не е важен само односот кон билките, мора да знаеме и кој е најдобриот момент за да ги набереме. Копривата на пример, која ја сметам за најлековита и најкорисна билка, најефикасна во фитотерапијата, треба да се бере во пролет додека сè уште не е процветана.
Од неа се користи и коренот и листот кои се многу лековити за уринарниот и дигестивниот тракт, за метаболизмот, аденом на простата, менструални тегоби, пореметувања во циркулацијата, хемороиди и воопшто за крвните садови.
Тоа е универзална билка, најдобра во светот, а покрај неа, тука се и нането, камилицата и бозелот – тешко е било која од нив да се издвои, а сите се тука околу нас, на дофат рака. Чаевите од лековитите билки треба постојано да се консумираат, а не само кога ќе се разболиме.
Превентивата е најважна и во тоа е суштината. Нашето тело има постојана потреба од нега. Не треба да чекаме болеста да не фрли во кревет, туку како превентива да му го пружиме на нашето тело најдоброто од природата, вели докторот и открива:
-Чајна мешавина од еднакви делови од камилица, нане и комрпива е многу ефикасна за отстранување на слабокрвност, хроничен умор, недостиг на енергија и јакнење на имунитетот.
-За лекување на бронхитис потребна е повеќенеделна употреба од чајна мешавина составена од еднакви делови на следните билки: плуќник, подбел, тегавец, тимијан и коњско опавче. Многу е важно чаевите да ги пиеме со витамин Ц кој влегува во имунолошкиот систем – најдобро е да се исцеди лимон, лимета или портокал.
Како извонреден извор на здравјето, д-р Ѓорѓевиќ препорачува секојдневно консумирање на семе.
-Својствата на семките е долгорочно во себе да го чува животот, потенцијалниот извор на храна, па затоа голем број семиња можат да го подобрат нашето здравје.
Семките од тиква на пример, содржат најквалитетни белковини, витамин К и железо, а одлични се за простата – напоменува д-р Ѓорѓевиќ и заклучува:
-Семето од тиква е богато со витамин Е, манган, магнезиум, протеини и железо. Семките од сончоглед се богати со здрави масти – пантотеинска и есенцијални масни киселини, како и семето од конопот, лененто и чиа семките кои се вистинска ризница на омега 3 масни киселини и комплетни витамини.
Бадемите нè подмладуваат бидејќи се извор на витамин Е. Ефектот се зголемува ако бадемите се потопат во вода, бидејќи ги неутрализираат инхибиторите на растителните ензими па полесно се варат.
Семките од борот, пињолите, се исклучително богати со манган кој е значаен за здравјето на коските, а потребни ни се само 25 грама за да се покријат нашите дневни потреби.
Треба да се има на ум, нагласува Ѓорѓевиќ, дека физичката активност и здравата свежа исхрана се најважни и за телото и за умот, а дека некативноста има многу тешки последици по организмот. Светската здравствена организација изнела податоци дека физичката активност директно влијае врз здравјето. Некативните лица 2,5 пати почесто заболуваат од кардиоваскуларни болести, а 3 пати почесто од рак.