Ова е еден од најлесните и највкусните десерти, а се приготвува за многу кратко време и од само четири состојки. Совршен е за секакви свечени пригоди, но можете да го подготвите и за секој ден и да се сладите во него заедно со шолја кафе или чај. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 24+10 орео колачиња (можете да ги купите во секој поголем супермаркет, а препознатливи се по црно(какао)-белата комбинација), 40 г несолен путер, 400 г крем сирење + 400 мл течна слатка павлака, 70 г кристал шеќер + 10 г ванилин шеќер




ПОСТАПКА: Орео бисквитите (вкупно 24) искршете ги со рака и ставете ги во блендер, а потоа сомелете ги околу една минута. Бидејќи самите кекси се „сендвич“ и содржат тенок слој бел крем, смесата нема да биде целосно сува, туку со конзистенција на влажен песок.




На тивок оган/пареа или во микробранова печка растопете 40 г несолен путер, оставете неколку минути да се подизлади, па додајте го во мелените орео-кекси и промешајте со лажица додека смесата да стане комапктна.




Огноотпорен сад или некој друг помал калап со димензии 20х20 см (или приближно) обложете со хартија за печење на дното, па рамномерно распоредете ја темната смеса и израмнете ја површината. Оставете во фрижидер да отстои 10 минути, а за тоа време пригответе го белиот крем:




Во подлабок сад ставете 400 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, мегле и сл.), па додајте 70 г кристал шеќер и една кесичка ванилин шеќер (10 г). Пенасто изматете со миксер додека да добиете нежна, кремаста структура, а шеќерот да се растопи.




Во кремот додајте 400 мл течна павлака со масленост 30-36%, па уште еднаш изматете со миксерот додека двете состојки да се соединат во еден неверојатно нежен и вкусен бел крем.




Со раце искршете 8-10 орео бисквити и додајте ги во смесата, па промешајте со лажица или шпатула. Добиениот крем излејте го врз кафеавата-орео основа, па рамномерно распоредете и израмнете.

Одозгора декорирајте со трошки од орео бисквити, па оставете го колачот да се лади во фрижидер, најмалку 4 часа пред послужување. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.