Кога тиквичките ги има во изобилство, зошто да не ги искористиме максимално. Оваа пита би сакала да ја приготвувам и кога не е сезона на тиквичките, зошто е многу вкусна и прелесно се приготвува. Потребни ви се само четири состојки кои сигурно ги имате во вашата кујна, особено во овој период од годината. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 млади тиквички со средна големина, 8 јајца, малку сол и црн пипер, 1/2 чаша (од 200-250 мл) брашно (по потреба), 100 г рендан кашкавал (ајдамер, пармезан, моцарела или каков сакате вие по ваш избор), една китка млади зелени кромитчиња.




ПОСТАПКА: Тиквичките измијте ги под млаз ладна вода, отстранете им ги дршките и крајчињата и изрендајте ги од крупната страна на рендето. Доколку тиквичките се млади со мека лушпа, нема потреба од лупење.




Ренданите тиквички сосем малку посолете ги и оставете ги врз пластичка цедалка да се цедат од вишокот сок. За тоа време штигответе го тестото од јајца: Во подлабок сад скршете осум јајца, посолете ги, запиперете ги, па изматете ги со жица маталка.




Во изматените јајца додајте просеано брашно, па повторно добро изматете додека да се соедини брашното со јајцата во мазна, еднолична смеса без грутчиња. Настрана крупно изрендајте една коцка кашкавал околу 100 грама, па додајте ја во мешавината.




Промешајте со лажица или шпатула додека сиот кашкавал да се распореди рамномерно. Младите кромитчиња измијте ги и ситно исечкјате ги, па и нив додајте ги во мешавината. Промешајте за да се распоредат.




Исцедените тиквички од цедалката претурете ги во некој подлабок сад, па прелијте ги со приготвената мешавина од јајца, брашно и кашкавал. Промешајте со лажица илу шпатула за да се изедначи смесата.




Плех или подлабок калап добро намастете го путер или маргарин, на дното и ѕидовите, па излејте ја во него приготвената смеса. Ако садот во кој ќе печете ви лепи, тогаш направете нелеплив ефект: ставете го намастен да се загрева во рерната на 180-200 степени околу 8-10 минути, па во врелиот сад внимателно истурете ја смесата и протресете за да се распореди.




Печете во претходно загреана рерна на 180 степени додека да добие убава румена боја. користете подлабок сад, бидејќи питата содржи јајца и при печењето многу ќе порасне. печената пита оставете малку да подизлади, па потоа сечете ја и послужете ја. Деталите погледнете ги ОВДЕ.