Кои се најчести убоди од инсекти и како да се заштитите?

Во нашата убава земја ретко кој останува рамнодушен на убавите прошетки во пролет и лето. Повеќето од нас знаат за популарните препораки за заштита од високите температури и штетното влијаење на УВ зраците, меѓутоа ретко кој посветува внимание на заштита и препознавање на убоди од разни видови на инсекти.

Поголемиот број на инсекти прават локални реакции без посериозни здравствени проблеми, но постојат реакции кои треба да се препознаат и за кои треба да се побара лекарска помош, па затоа е многу важно да ги препознаете на време и да побарате помош!

Каснување од оса, пчела и стршлен

При каснување од пчела потребно е да се избегне ширење на отровот! Имајки го тоа во предвид, потребно е најбрзо што можете да ја отстраните игличката од пчелата, притоа внимавајки да не остане дел од неа при вадењето.

Осите и стршлените при убод не ја оставаат игличката, но може да направат повеќе убоди наеднаш. Бидејќи нивните отрови содржат хемиски активни супстанци реакциите се потешки.

Отровот од Hymenoptera (пчели и оси) може да има токсичен и алергиски потенцијал, па затоа можни се два типа на реакција

Локални токсични реакции – предизвикани од фармаколошки активни супрстанци, предизвикуваат интензивна болка, црвенило и оток. Овие промени се повлекуваат по неколку часа. Потребно е да се ставаат локално ладни облоги, а во некои случаи се препорачуваат локални кортикостероиди.

Алергиски реакции – кај луѓе со пречувствителност на овие убоди се јавуваат сериозни алергиски реакции. При првото каснување настанува сензибилизација, а во случај на следно каснување може да настане бурна реакција, во форма на појава на уртики по телото, пратени со јадеж, отоци на кожата и слузниците, како и системски манифестации пропратени со потешкотии во дишењето.

Најсериозната форма на алергиската реакција е анафилактичен шок, доколку изостане медицинска помош при ваква ситуација може да има сериозни/летални последици.

Каснувања од крлежи

Крлежите, најчесто живеат во предели со високи треви, грмушки и дрва, претставуаат мали паразити кои се хранат од крвта на животни и човек. Крлежите од родот Ixodes може да бидат носители на спирохетата Borelia burgdorferi која ја предизвикува познатата Лајмска болест.

Лајмската болест е актуелна во периодот од рана пролет до доцна есен, а нашата земја припаѓа во оние во кои постои ризик од инфекција. Најдобра заштита е превенцијата! Тоа значи да се избегнува подолг престој во влажни ливади со висока трева , да се носи облека со долги ракави и ногавици и секогаш да се прави детална инспекција на телото по престој во природа.

Доколку се окрие крлеж на телото препораките се веднаш да се побара стручна медицинска помош, за крлежот да биде соодветно отстранет најдоца до 24 часа по убодот!!

Каснувања од комарец

Комарците покрај тоа што се голема непријатност во текот на летните месеци, може да бидат преносители на опасни заболувања како маларија, денга вирус или жолта треска. Она што нас ни предизвикува главоболка се каснувањата кои предизвикуваат локална реакција во вид на црвенило, оток и многу чешање.

Најважно е по каснувањето местото на убодот да не се чеша, а јадежот да се неутрализира. За ова од помош можат да бидат ладни облоги и природни препарати за ублажување на јадежот.

Важно при користење на овие препарати е да се нанесат благо на местото на каснувањето, без претерано втривање на кожата. Од корист во намалување на чешањето може да биде и употребата на босилек.

Каснувања од пајак

Постјат над 38.000 врсти на пајаци, а повеќето од нив предизвикуваат мали локални реации на местото на убодот, кои се смируаат за неколку денови. Но, женките од пајакот познат под името „Црна вдовица“, кој е присутен и во нашата земја, прави посериозни реакции.

На местото на убодот остава две пунктанти ранички и по само 30-тина минути се јавува силна болка, оток и црвенило. Веќе по 8 часа може да се јават симптоми на мускулна болка и ригидност, болки во стомакот, грбот, гадење и повраќање како и потешкотии во дишење за кои секогаш е потребна итна медицинска грижа.

Ова се најчестите форми на убоди од инсекти, во природата постојат уште илјадници. Она што е најважно да запомните е дека – Најдобра заштита е превенција од убоди од инсекти!!!

Неколку корисни совети за превенција од убоди

-Покривање на експонираната кожа со облека со долги ракави и ногавици
-Носење на затворени обувки
-Аплицирање на репеленти на кожата пред излегување на отворено
-Да се избегнва користење на средства кои содржат парфеми на пример сапуни, шампони , дезедоранси, детергенти и оменувачи
-Да се внимава во близина на цвекиња кои цветаат, ѓубриња, застојна вода
-Никогаш да не се доближува до гнеза на инсекти без заштитна опрема
-Да се чува храната и водата покриена за време на престој во природа
-Да се затвораат врати и прозорци со покривни мрежи, или да се користат мрежи во текот на ноќните часови над креветот
-Тиамин (витамин Б1) може да се користи како системски репелент (кожата добива специфичен мирис)

Д-р Александра Лазаревска
Специјалист по дерматовенерологија