Фото и рецепт: Габриела Миленкоска

Рецептот за овoj преубав традиционален колач ни го претстави нашата драга членка Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. “Кога ќе ми речат есен е, мене веднаш ме асоцира на колачов Чупава Ката, мирис на мармалад од сливи, ванила и орев… тоа што го мислиш – направи го!”, вели Габриела Миленкоска.

Потребни состојки:

250 г путер/маргарин
4 лажици шеќер во прав
4 жолчки
400-450 г брашно
1 прашок за печиво
3-4 лажици млеко

За фил:

4 белки
180-200 г шеќер
4 лажици мелени ореви
4 лажици мармалад
шеќер во прав за наросување одозгора

Постапка:

Од еден путер/маргарин се остава малку за намастување на тепсија бр.32. Путерот пенасто изматете го со 4 лажици шеќер во прав, па додадете 4 жолчки.

Откако и тие убаво ќе се соединат со путерот, се додава 400-450 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво и 3-4 лажици млеко. Кога убаво ќе се замеси и соедини, тестото се дели на два дела од кои едниот е поголем (за долната кора) и еден помал дел кој веднаш се става во замрзнувач.

Тепсијата се намастува со путер, па во неа се става развлечена кора од поголемиот дел од тестото. Четири белки се матат со 180-200 г шеќер додека да се добие цврст и сјаен снег, а шеќерот да се растопи. Во снегот се додаваат 4 лажици мелени ореви и 4 лажици мармалад од модри сливи или по ваш вкус.

Сето убаво измешано се излева врз тестото а одозгора се ренда смрзнатото тесто (со крупната страна на рендето). Се пече во загреана рерна на 180 степени околу половина час. Откако ќе излади колачот се сече и по желба се наросува со шеќер во прав. Во филот по желба може да се стави и ванила.

Фото и рецепт: Габриела Миленкоска