Традиционално милибродот или козињакот се приготвува за Велигден. Има толку фантастичен вкус и малку се издвојува од класичната подготовка на милиброд бидејќи има помека структура, што го прави уште повкусен, како локум.




Тестото е малку помеко и веднаш се прави, па се става на печење. Јас кога го правам морам да бидам многу брза бидејќи домашните не можат да дочекаат да јадат. Со сигурност знам дека на Велигден ќе спремам минимум 3 вакви колачи. Ова е милиброд без квасец, повеќе е како благ колач. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 100 г шеќер (4 големи лажици), 1 мала лажичка ванилин шеќер, прстофат сол, 80 г путер, 130 г урда (летно сирење, може и крем сирење), 150 г брашно, 1 мала лажичка прашок за печиво, 80 г суво кандирано овошје.




ПОСТАПКА: во еден подлабок сад скршете ги двете јајца. Посолете со прстофат сол, колку што ќе ви се фати низ прстите и додајте го шеќерот и ванилата, па измешајте со лажица додека да се измешаат сите состојки. Претходно на пареа или директно на рингла растопете го путерот и додајте го во смесата од јајца.




Повторно измешајте до соединување. Додајте ја урдата или крем сирењето, соединете и просејте го брашното заедно со прашокот за печиво низ сито за да не останат грутчиња. Како што ја мешате смесата со шпатула, таа ќе добива густа конзистентност како што треба да изгледа. На крајот се додава сувото овошје.




Во модла/калап со димензии 23х11 см или некој со слична големина, добро намастете го со малку омекнат путер и префрлете ја смесата во него. Со шпатулата измазнете ја површината на смесата за подеднакво да се распореди.

Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути, а по печењето наросете малку шеќер во прав врз колачот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и вториот рецепт кој ќе ве воодушеви:




(втор рецепт) ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно тип 400, 1 коцка свеж квасец, 5 јајца, 1 мал филџан масло, 200 г шеќер, 300 мл топло млеко. И УШТЕ: 150 г суво грозје, 100 г кандирана кора од лимон или портокал, а ако немате може и рендана кора, 1 јајце за премачкување.




ПОСТАПКА: прво ставете го квасецот да се активира како што тоа вообичаено го правите. Замесете меко тесто од брашно, додајте шеќер, помешајте ги јајцата со топлото млеко, па додајте ги во брашното, квасецот и на крајот маслото.




Сето добро замесете го и оставете да се удвои. Имајте во предвид дека на тестата со јајца малку повеќе им е потребно време за да стасаат, па затоа оставете убаво да нарасне. Потоа тестото премесете го и 20 пати удре те го работната површина.

Тестото поделете го на 9 еднакви делови од кои ќе формирате топче. Од секое топче расукајте правоаголник, наросете го со суво грозје и кандирана кора од лимон и портокал, а можете и да го премачкате и со џем од сливи. Свиткајте го како ролат.




Од три вакви ролати сплетете плетенка. Ќе добиете три плетенки кои ќе ги наредите во големиот плех обложен со хартија за печење. Одозгора премачкајте ги со јајце, оставете ги уште малку да нараснат па печете ги на 200 степени, околу 50-60 минути, а кога ќе фатат боја одозгора покријте ги со хартија и намалете на 150, па допечете.

Плетенките можете посебно да ги печете или да ги споите во круг со дупка во средината, која за Велигден се пополнува со велигденски јајца.




Има уште варијанта со помалку јајца, каде оди нешто повеќе од 1 кг брашно, 3 јајца, 1 свеж квасец, 125 г маргарин, 250 г шеќер и 500 мл млеко, а за премачкување само џем и за одозгора јајце па наросено со сусам. Постапката е иста. Може да наросите и листови од бадем.