КАФЕАНСКА ЛУТЕНИЦА – Нешто фино за љубителите на лутото

Фото и рецепт: Иванка Цизмиќ

Потребни состојки:

2 кг зрели домати
200 мл винска киселина
400 мл масло (може и помалку)
250 г шеќер
1 кесичка мелен црн пипер
500 г лути пиперчиња
1 ½ слатки свежи пиперки (кај мене сите беа лути)
5-6 чешниња лук исечкани (јас ставив 10)
сол по вкус
1 кесичка конзерванс (не мора, но јас правам поголема количина и ставам)

Постапка:

Доматите прелијте ги со врела вода, веднаш потоа ставете ги во вода со мраз (за полесно да се излупат, инаку не мора) и излупете ги и исечете ги на четвртинки. Веднаш ставајте ги во тенџерето каде што ќе се готви лутеницата.

Додадете винска киселина, масло, шеќер и мелен црн пипер. Измешајте убаво, па ставете на оган. Откако ќе почне да врие, намалете на умерена температура и оставете да се готви еден час со повремено промешување.

За тоа време сомелете ги свежите лути пиперчиња на машина за месо, а исто така и слатките пиперки (или лути, во мојот случај). Додадете ги и нив во тенџерето, и оставете да се готви уште 1,5 час со повремено промешување.

Пред крај на готвењето, посолете по вкус, малку по малку и пробувајте каков е вкусот, па ако е потребно ќе додадете уште.

Потоа додадете го исечканото лукче и кесичка конзерванс (вие ако сакате, не мора да ставате).

Убаво промешајте. Теглите стерилизирајте ги во загреана рерна до 100 степени и така загреани полнете ги со врелата лутеница. Веднаш се затвораат со метални капаци и се вртат наопаку за да се вакумираат. Вака се оставаат 15-20 минути, па се враќаат назад и се оставаат целосно да изладат.

Напомена: по вкус можете да ја намалите количината на лути пиперчиња или пак да ја направите “оган” лута како мојата. Исто така, ако не сакате премногу масло, намалете ја количината, на пример, на 300 мл. Или пак, кога ќе ја отворите теглата, излејте го вишокот масло од површината. За оние кои сакаат луто, ова е вистински деликатес!

Фото и рецепт: Иванка Цизмиќ

Loading...