Илјадници години водиме војна против оваа билка која инаетливо постојано никнува насекаде околу нас. Има жолти цветови како сонцето, и иако привлечни за печлите и пеперугите, сепак таа сама се оплодува (бесполово, со апомиксија – без опрашување).

Ја корнеме и се обидуваме да ја истребеме, а целата билка се јаде и се употребува во лековити цели. Од цветовите се приготвува лековит сируп, листовите се лековити и се јадат во салати, а коренот е нешто што сè уште е предмет на истражување, а науката се обидува да продре во неговите тајни лековити моќи.

Засега е признат лек за прочистување на црниот дроб, особено кога станува збор за замастување и покачени вредности на холестерол, а само мали, изолирани студии се спроведуваат за истражување на неговата моќ за спречување на развојот на некои видови канцер.

Читателите на НМД.мк имаа можност да прочитаат разни народни рецепти и искуства на луѓе кои ја користеле оваа билка за лекување на различни состојби. Во архивите можете да пронајдете рецепти за приготвување на сируп од цветови, сируп од корен, тинктура од корен, смеса од корен и мед, чај, салати и многу други полезни рецепти кои ни ги испратиле читателите.

Денес ќе ви откриеме како се приготвува безкофеинско кафе од коренот на глуварчето, а кое може да го замени вашето утринско кафе. Овој топол напиток има алтернативен вкус на вообичаеното кофеинско кафе, а покрај тоа што дава енергија и е вкусен, тој е многу здрав. Изобилува со антиоксиданти, минерали, влакна и витамини како А, Ц и К. Исто така, содржи високо ниво на железо, калциум и калиум.

Глуварчето одамна се користи за лекување во народната медицина, но и ден денес се користи за следниве состојби:

-намалување на холестеролот
-намалување на шеќер во крвта
-смирување на воспаление во телото
-намалување на крвен притисок
-спречување на раст и развој на некои видови рак
-зајакнува на имунолошкиот систем
-подобрување на дигестијата

За приготвување на кафето ќе ви биде потребен коренот од глуварче кое најдобро е да се бере наесен, кога целата енергија и соковите се повлекуваат во него. Можете да го берете во било кој период од годината, но пред зимата тој е најголем и најдебел. При копањето внимавајте да не го повредите, за да не се изгубат неговите сокови. Ќе ви бидат потребни приближно 10-тина корења од глуварче, набрани наесен (во октомври). Може да наберете и повеќе, доколку ви е потребна поголема количина.

Убаво измијте ги корењата низ млаз ладна вода. Со ноже за лупење компири отстранете им ја надворешната обвивка (од подебелите делови) и не плашете се ако не успеете целосно да ги излупите, може да ги оставите и како што се, важно е само добро да ги исперете.

Исцедете ги и ставете ги во памучна крпа за да се впие вишокот влага од нив. Исечете ги ситно и отстранете ги ситните влакненца од нив, затоа што истите брзо ќе согорат во рерната кога ќе ги сушите. Потоа ставете ги во плех во еден слој и во загреана рерна на 160 степени, околу 30-40 минути. После половина час коренот е сув и печен и мириса прекрасно, на слатко чоколадо. Оставете да излади па складирајте го во стаклена тегла.

За приготвување на кафе: Ставете 1,5 лажичка сув корен од глуварче и прелијте со 300 мл врела вода. Ставете на оган, па откако ќе зоврие варете на тивок оган 10 минути. Процедете и вашето безкофеинско кафе е готово. Уживајте во неговиот вкус. По желба засладете го со лажичка мед. Коренот после печењето можете да го сомелите во мелница за кафе и да го приготвувате исто како што се приготвува и класичното кафе. Уживајте во вашиот здрав и вкусен утрински напиток!