Јаболка полнети со ореви, мирисни, вкусни и сочни

Се сеќавам на неделите од моите детство кога одев на гости кај мојата најдобра другарка, а нејзината мајка, тетка Кате, ќе ни дадеше од овој колач. Сеќавањата ми се толку силни, што и сега го чувствувам тој вкус.. – Анка




Потребни состојки: 10-15 јаболка, 100 г мелени ореви, 1 лажица шеќер. За бисквит: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 7 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 4 лажици топла вода, 2 кесички шлаг пена




Постапка: најдобро е да земете поситни јаболка и да бидат приближно еднаква големина, па да ги наредите густо едни до други, за кога ќе го пресечете колачот, во секое парче да имате јаболко и орев.




Јаболката измијте ги убаво и излупете ги, па отстранете им ја дрчката и на тоа место издлабете ги. Внимавајте да не ви се скршат. Млекото ставете го на оган, па кога ќе зоврие попарете ги мелените ореви помешани со лажица шеќер.




Јаболката наредете ги во плех или соодветен калап кој претходно сте го намастиле со путер или маргарин. Потоа вниматечно наполнете ги со попарените ореви и ставете ги во рерна загреана на 200 степени.




Печете ги 20-тина минути додека да добијат жолтеникава боја, па потоа прелијте ги со приготвената смеса за бисквит и. ратете ги во рерна да се допечат уште 20-тина минути.




Проверете со чепкалка дали бисквитот е печен, па извадете го колачот од рерна и оставете го да се олади, најпрво на собна температура, а потоа и во фрижидер. На крај, изматете го шлагот според упатството на кесичката и декорирајте.




За пандишпан: тестото можете да го приготвите на неколку начини, односно јајцата можете да ги изматите на неколку начини. Првиот начин е да ги матите цели заедно со шеќерот.




Вториот начин е да ги одвоите белките од жолчките, па посебно да ги изматите со шеќерот (половина шеќер за белките и втората половина за жолчките), па потоа да ги соединете со лажица или шпатула.




И третиот начин е да ги изматите белките во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека тој целосно да се растопи, а снегот не паѓа од лажица. Потоа, додека непрекинато матите со миксерот, започнете да ги додавате една по една жолчките.




Во изматените јајца постепено додајте четири лажици врела вода. На крај, додајте седум лажици брашно помешани со една кесичка прашок за печиво. Полека промешајте со лажица, со превртување за да остане смесата пенлива. / Анка / Сооlinarika.com

Претходна статијаПрсти да излижеш: За минута направете крцкави компирчиња со пченкарно брашно
Следна статијаОткако го открив овој рецепт, тиквичките повеќе нема да ги пржам – нешто највкусно што сме јаделе досега