Компирите ги сакаме на најразлични начини. Вака приготвен, според мојот рецепт, можете да ги послужите како прилог на главното јадење, но слободно можете да ги сполужите и како самостојно јадење кога постите на пример.




Потребни состојки: 4-5 компири со средна величина, сол и црн пипер по вкус, 1 лажица сув зачин (вегета), 3 супени лажици пченкарно брашно, по потреба масло или путер, половина лажичка сладок црвен зачински пипер во прав




Постапка: компирот измијте го убаво со ладна вода па излупете го и повторно измијте го за да се испере од него скробот и евентуалната нечистотија од кората. Потоа исечете ги компирите на тркалца, ниту тенки ниту дебели, но внимавајте да бидат со еднаква дебелина.




Потоа исечените компири посолете ги, запиперете ги, додајте сув зеленчуков зачин (вегета) и црвен пипер во прав. Ако сакате можете да додадете и некои зачини по ваш вкус.




Во компирите додајте 2-3 лажици масло или растопен путер, па убаво промешајте за да се соедини и зачините рамномерно да се распоредат. Одозгора наросете го пченкарното брашно и промешајте.




Во плех или некој огноотпорен сад (може да го обложите со хартија) ставете ги приготвените компири и рамномерно распоредете ги. Одозгора уште малку наросете со пченкарно брашно.




Може да ставите и повеќе пченкарно брашно отколку што е наведено во рецептот, ќе добиете уште покрцкав компир. Исто така, и компирите можете да ги сечете со различна форма, доколку така ви одговара.




Загрејте ја рерната на 200 степени, и во убаво загреана ставете ги компирите да се печат околу 35 минути или во зависност од вашата рерна. Вие најдобро си ја познавате вашата рерна, па одлучете вие колку е доволно.




Компирот треба да има убава златна боја. Додека сè уште е топол послужете го како прилог или како главно јадење. Нека ви е на здравје! / Љубичинка / Сооlinarika.com