Сигурно барем еднаш во животот ви се случило да ги офарбате алиштата при перењето поради заталкан чорап, поради различна боја на алиштата или поради неадекватна температура.

За да не ви се случи тоа во иднина, особено кога треба да исперете неколку алишта и не ви се чека да се наполни корпата за да можете да ги сортирате алиштата, користете марамчиња кои ја впиваат бојата.

Меѓутоа, ако во моментот не ви се наоѓаат при рака купечки марамчиња за ваква намена, направете домашни кои ја имаат истата функција како и купечките, а многу се поевтини.

Потребни ви се ткаенина, како онаа од стари печкири или памучни крпи, сода за перење (оваа не е иста како сода бикарбона, не се употребува во исхраната бидејќи многу е алкална со рН 11, а се купува од продавница) и вода.

Напомена: при ракување со содата за перење задолжително носете ракавици.

Најпрво исечете ја ткаенината на квадратчиња приближно со величина од 8х10 см. Во еден сад ставете 200 мл топла вода и лажица сода за перење.

Крпчињата натопувајте ги убаво во оваа течност, па оставете ги да се исушат.

Кога целосно ќе се исушат може да се користат: ставајте по едно вакво крпче во алиштата при перењето.