Професорот на универзитетот Колумбија во Њујорк, д-р Горазд Росоклија, објави најнови сознанија околу Корона вирусот, за тоа колкав е периодот на неговото преживување на пластика, метал, картон, но и во воздухот.

Досега се сметаше дека за да се заразите со Корона преку воздушен пат, треба да бидете најмалку 10 до 20 минути во непосреден контакт со заразен, на растојание помало од 1.8 метри.

Но, најновата студија не вели така. Според најновите сознанија, вирусот останува жив во воздухот дури и до 3 часа, што можеби и дава одговор на прашањата, зошто толку лесно се распространува.

,,Вирусот останува во воздухот 3 часа, на картон 14 часа, на метални и пластични површини 3 дена”, напиша професорот Росоклија, приложувајќи линк од студијата.

По ова, следеа прашања во вид на коментари, на постот на Росоклија, дали тоа значи дека ако некој се искашлал пред 2-3 часа, вирусот лебди и можеме да се заразиме, на што професорот одговара:

,,Да, најголемиот број преноси на вирусот се преку тие воздушни ,,капки”. Партиклите (вирусот) се во воздухот. Затоа ставам наводници кај капки. Аеросол значи суспензија на цврсти (или течни) партикли (вирусот е цврст) во воздухот.

Воздушните капки треба да дојдат во контакт со вашето лице. ACE-2 рецепторите кои се влезно место за овој вирус ги имаме во очите, устата, особено јазикот. И бидејќи ги имаме и во белите дробови, бубрезите, цревата, вирусот влегува и во тие органи и во нив се размножува”, вели професорот Росоклија.

Тој во коментари уште дополнува дека вирусот е нов и затоа не можело да се знае за него сè од почетокот.

По овие најнови сознанија, се чини дека се повеќе од оправдани апелите на здравствените работници и властите, да се седи дома, дури оваа стихија не стивне.