Овој напиток е одличен за подигање на имунитетот, бидејќи делува како пробиотик и го чисти организмот. Секогаш кога ни се намалува имунитетот треба да водиме сметка за одржувањето на здрава микрофлора во нашите црева.

Пореметувањата со варењето на храната е нешто со кое секој од нас се соочува одвреме навреме. Затоа ни се потребни природните пробиотици кои ќе го спречат влошувањето на состојбата и ќе ни помогнат да се вратиме во нормална рамнотежа.

Ова е рецепт за еден напиток кој има способност да го исчисти телото, да ја подобри работата на цревата и да ни даде чувство на леснотија.

Потребни состојки:

500 мл млака вода (најдобро кефирна – газирана)
1 лажичка чиа семе
1 лимон – сок
1 цитрон – сок
1 лажица рендан ѓумбир

Постапка:

Доколку имате кефирни зрна и со приготвувате домашна пробиотик-вода која е малку газирана, доволно е состојките да ги оставите во неа и после половина час да ја консумирате течноста.

Ако немате од зрнцата кефир за приготвување на домашна газирана вода, тогаш ставете обична вода на оган заедно со ѓумбирот, па откако ќе зоврие нека се вари околу 5 минути. Потоа тргнете го садот на страна да излади, додека водата да стане млака.

Додадете сок од лимон и цитрон, чиа семе и оставете да отстои уште 15-20 минути. Консумирајте го напитокот на гладно.

КЕФИРНА ВОДА – ПРОБИОТИК

Зрната кефир (или тибетска габа) кога ќе се потопат во млеко на собна температура, започнуваат да се хранат со шеќерите од млекото, да растат и да се размножуваат. Во фрижидер мируваат.

Ако кефирните зрна се потопат во вода исто така мируваат, но водата е потребно да се менува за да остане кефирот жив. Ако во водата додадеме било каков шеќер, зрното ќе започне да се храни, но нема да се размножува.

Истото ќе се случи ако кефирните зрна ги ставиме во овошен сок, па дури и во оние од тетрапак, бидејќи содржи шеќер. Хранењето на кефирните зрнца е всушност процес на разградба на шеќерот, било да е тоа млечен, овошен или обичен додаден во водата или сокот.

Со разградување на шеќерот се создава јаглероден диоксид (меурчиња) и мала количина киселини и алкохол. Сето тоа се случува во стаклена тегла во период од 24-48 часа, па таквите ферментирани напитоци одлично делуваат врз нашиот организам.

Домашна газирана вода

околу 70 г кефирни зрнца
35 г шеќер
350 мл вода

За да ја претворите обичната вода во газирана, доволно е да додадете во неа кефирни зрна и било каков шеќер. Сето ставете го во стаклена тегла и оставете 24-48 часа на собна температура. Кефирните зрна ќе започнат да го разградуваат шеќерот во јаглероден диоксид.

Кога целиот шеќер ќе биде разграден, водата станува лесно пенлива. Процедете низ цедалка, прелијте во стаклено шише, затворете и разладете малку во фрижидер пред консумација. Додадете малку лимонов сок во чашата!

Домашна газирана вода со овошен вкус

околу 70 г кефирни зрнца
35 г шеќер
1 помало јаболко или круша
малку (неколку капки) лимонов сок
350 мл вода

Во теглата ставете кефирни зрна, крупно исечено јаболко или круша, наросете шеќер и залијте со вода. По желба можете да додадете и суво грозје. Поклопете и оставете 48 часа на собна температура. Процедете, складирајте во стаклено шише, затворете и изладете.

Домашен газиран овошен сок

околу 70 г кефирни зрнца
350 мл овошен сок

За разлика од купечките газирани сокови, во овој сок нема додадени шеќери, туку целиот шеќер од почетокот на постапката – е разграден. Било кој сладок овошен сок, природно исцеден или купечки, од еден вид овошје или мешан, погоден е за приготвување на овој напиток.

Во теглата ставете ги кефирните зрнца и прелијте ги со овошен сок. Ако на амбалажата пишува дека е без шеќер, додадете малку обичен шеќер или мед за да ја активирате ферментацијата.

Поклопете и оставете на собна температура 48 часа. Ако е ладно може и малку подолго. Процедете, прелијте во чисто шише, добро затворете и разладете во фрижидер. Во зависност од видот, сокот ќе биде од лесно до средно газиран.