Рецепт и видео прилог на “Мој кутак”: Пиперки полнети со сирење.

Сомборка пиперка полнета со сирење, стар рецепт. Пиперките откако ќе ги приготвите може да се јадат веќе следниот ден, но колку стојат подолго, толку се поубави. На овој начин пиперките можат да се приготвуваат во текот на целата година.

Потребни состојки:

1 кг пиперки сомборки
1 кг ситно зрело сирење или урда
сол по потреба ( ½ мала лажичка во секоја пиперка)

Постапка:

Пиперките измијте ги со ладна вода и исцедете ги да се исушат. Отстранете им ги петелките и семето, па со врвот од ножот на повеќе места исбоцкајте ги. Во секоја пиперка ставете по половина лажичка сол и малку протресете ја за да се обложи солта насекаде од внатрешната страна. Вишокот истресете го.

Пиперките наредете ги превртени во некој сад да отстојат 12 часа на собна температура. Најдобро е тоа да се направи навечер и да се остават преку цела ноќ.

Следниот ден пиперките исцедете ги од сокот што го испуштиле и можете да започнете со полнењето. На дното од теглата ставете по 2 лажици урда, а потоа со мала лажичка полнете ги убаво пиперките и редете ги во теглата.

Просторот што ќе остане помеѓу пиперките во теглата – ќе се исполни со течноста што тие ќе ја испуштат. Одозгора завршете со две три лажици урда. Наросете малку сол (½ лажичка) и само ставете го капакот без да го затворате.

Оставете 24 часа да “зрее” на собна температура. Потоа затворете ги и чувајте ги во фрижидер. Деталите можете да ги погледнете во видеото: